Македонско музичко творештво со свитата „Македоникум“ е претставено на концерт во Виена
Ансамблот „Ин медиас рес“ со проектот „Македоникум“, во продукција на уметничкиот центар „Полифонија“, на 11 октомври се претстави во историската концертна сала „Боромоус“ во центарот на Виена. На концертот настапија авторот на музиката Давор Јордановски на пијано заедно со солистите Марија Јаќимовска – флејта, Ристо Ѓоревски – кларинет, Орце Ицковски – фагот и Сања Шуплевска – виолина.
Препорачано
Проектот е осмислен како промоција на македонската култура пред нови генерации и нова публика. Свитата „Македоникум – 12 разгледници од Македонија“ ја сочинуваат 12 пиеси за атипичен состав – виолина, флејта, кларинет, фагот и пијано.
Музиката напишана во класичен стил фузиран со препознатливи џез, рок и кантри елементи е заснована врз легендарни македонски мелодии, како Кољо, Елена, Охриѓанче, Милица, Анѓа, чалгии и др. Пиесите се, всушност, комбинација на музички влијанија од повеќе делови на светот со познати македонски мелодии.
На концертот во Виена, поддржан од Министерството за култура, претходеа неколку гостувања во странство: Канада – Торонто 2020, Италија – Потенца и Рим (2023), Хрватска – Загреб и Србија – Фестивал „Ледамус“ (2024). Во Виена настанот привлече разновидна публика, љубопитна поради несекојдневната комбинација на инструменти, непосредниот пристап и насловите на ставовите. Во текот на концертот, многубројните музички изненадувања, компактноста на ансамблот и солистичките уникатни нумери на учесниците повлекоа срдечни аплаузи и дополнителни бис-изведби.
Проектот „Македоникум“ предизвикува вистинска заинтересираност на странската публика за македонското музичко творештво. Оваа музика го потопува слушателот во антички звучни предели осмислени со модерен вкус, густи хармонизации и умно распоредени ритмички варијации. Домашните слушатели, пак, едвај ги препознаваат старите легендарни мелодии „маскирани“ во сосема нова, свежа и неочекувана комбинација што создава топло расположение за споделување на заедничкото.
Познатиот пијанист, композитор и тонски уметник Давор Јордановски пишува музика која е флуидна со форма на контекстот во кој се изведува, отелотворувајќи истовремено спокој, чистота, хумор, но и промена, бес и жал.
За почетоците на овој проект виолинистката Сања Шуплевска вели: „Свитата ‘Македоникум’ е започната во далечната 2001 година кога Давор и јас се сретнавме во Канада. Семејствата ни се дружеа, а ние започнавме соработка со фокус кон нови форми на музичко изразување привлечни за современиот слушател. Ја анализиравме и композицијата за виолина Капричо бр. 1 од Драган Шуплевски, која ме потсетуваше на детството. Набрзо потоа почина маестро Шуплевски, а врз мотивите од неговото пргаво Капричо, Давор под влијание на тажната вест создаде нова музика во која пргавите елементи ги спои со елегични хармонии. Од овој почеток во Канада, Давор продолжи да се надоврзува на песни од, тогаш за нас далечната, Македонија, изворни, но и авторски композиции завршувајќи ја свитата ‘Македоникум’ во 2014 година.“
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 304, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.10.2025)


