Македонските каратисти по медали на Европското првенство во Франкфурт
Македонската карате репрезентација е подготвена за нов меѓународен предизвик, а целта е јасна – освојување медали и достојно претставување на државата на меѓународната сцена. Нашата земја на Европското првенство во Франкфурт, Германија (20-24 мај 2026 година) ќе настапи со внимателно селектиран состав, кој во овој момент го претставува најдоброто што го има државата во сениорска конкуренција.
Препорачано
Во машка конкуренција ќе настапат: Недим Шакири (-60 кг, Ринија), Матеј Белистојаноски (-67 кг, Олимпик спорт), Љупче Михајлов (-75 кг, Штип), Реџеп Рушити (-84 кг, Куштрими) и Стефан Стојановиќ (+84 кг, Макпетрол). Дополнително, за екипниот настап се приклучуваат и Филип Стојанов (Кизаме) и Мурсел Мисини (Башкими).
Во женска конкуренција, репрезентацијата ќе ја претставуваат Ива Пецевска (-50 кг), Михаела Мишовска (-55 кг) и Вероника Костовска (-61 кг) – сите од Олимпик спорт, како и Ера Коџа (-68 кг, Дибра) и Ердона Зибери (+68 кг, Фати). Овие пет натпреварувачки ќе настапат и во екипна конкуренција, додека составот за кати го сочинуваат Владанка Аврамова, Данка Стојкова и Сара Трпковска од Сансaи Метал Апостолов од Кавадарци и Фунакоши Гичин од Скопје.
Стручниот штаб е предводен од селекторот во кати Стојан Андриевски, селекторот во кумите Александар Кузмановски со неговиот помошник тренер Петар Белистојаноски, физиотерапевт Стефан Ефремов, како и делегат и шеф на делегацијата Бесник Мурати. За регуларноста на натпреварите ќе се грижат и судиите Раде Стефановски, Јетмира Дервиши и Валентина Пурдеска.
Подготовките на репрезентацијата се одвиваат според прецизно утврден план, со тренинг-кампови во Хрватска и Катланово, каде формата се темпира до најситни детали. Во стручниот тим владее оптимизам дека натпреварувачите ќе го достигнат својот врв токму во вистинскиот момент. Очекувањата од овој состав се високи – сите репрезентативци влегуваат максимално мотивирани и подготвени, со јасна цел: напад на медали и достојно претставување на Македонија на меѓународната сцена.


