Антропоморфните модели на куќи објавени во археолошкото списание

Македонските антропоморфни модели на куќи добија афирмација во познатото списание „Археолоџи магазин“

Популарното списание „Археолоџи магазин“ (Archaeology Magazine) неодамна направи прилог за неолитските антропоморфни модели на куќи од Македонија. Ова е едно од најчитаните светски списанија во областа на археологијата, така што вклучување на македонски артефакти во него претставува врвна афирмација за нашето културно наследство.

Во најновиот број на „Археолоџи магазин“ објавен е напис за древните модели на куќи ширум светот, со посебен осврт на оние откриени во Македонија. За овој прилог консултиран е археологот Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата, кој во разговор со уредникот на списанието ги акцентираше најважните општествени промени во неолитот и нивните симболички рефлексии врз материјалната култура.

Притоа, истакнат е обредниот карактер на неолитските куќи кој бил отелотворен токму преку антропоморфните модели на куќи, прво изработени во Пелагонија, а потоа и во останатите региони на Македонија. Прилогот во ова списание воедно ја образложува и функцијата на антропоморфните модели како комеморативни ламби, користени во чест на основачите на неолитските куќи и на оние кои духовно се грижеле за нив.

Прилогот за овие предисториски артефакти од Македонија предизвикува големо внимание меѓу читателите ширум светот, што воедно го демонстрира љубопитството на светската јавност за нивната загадочна улога. Интересот на едно вакво врвно списание за нашите антропоморфни модели, покажува дека тие се соодветно презентирани во истакнати меѓународни публикации од страна на неколку македонски археолози. Сепак, неопходна е уште поголема афирмација и заштита на едни од најуникатните артефакти во Македонија, коишто заслужуваат уште поголемо присуство во светската јавност.

Во секој случај, и овој прилог на „Археолоџи магазин“ прави голем чекор кон приближување на овие извонредни предисториски предмети кон љубителите на минатото и отвора нови порти за нивно натамошно меѓународно презентирање и проучување, известија од македонскиот Центар за истражување на предисторијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот