Отворање на изложбата „Коегзистенција - црно и црно“ во Риека

Македонскиот уметник Мице Јанкуловски изложува во Музејот на град Риека

Самостојната изложба на слики и видеа „Коегзистенција – црно и црно“ од Мице Јанкуловски на 23 октомври беше отворена во Музејот на град Риека – „Коцкица“. Освен директорот на Музејот на град Риека, Младен Урем, на отворањето присуствуваа и зедоа збор Ермина Дурај (раководител на Одборот на директори за работа на окружниот префект и на окружното собрание на Приморско-Горанскиот округ), Корнелија Конеска, куратор на изложбата, а изложбата ја отвори градоначалничката на град Риека, Ива Ринчиќ.

Посебно значење и шарм на настанот му даде настапот на Друштвото на Македонците во Риека „Илинден“, кои истовремено ја започнаа традиционалната манифестација Денови на македонската култура во Риека 2025.

Директорот на музејот, Младен Урем, истакна дека оваа изложба е „уникатно културно искуство за жителите на Риека“, бидејќи ги комбинира традицијата и модерноста и ја претставува Македонската уметност „на глобално релевантен начин“.

Кураторот Корнелија Конеска го објасни концептот на изложбата, нагласувајќи дека авторот ги истражува бескрајните можности на црната боја преку монохроматски, минималистички и модуларен принцип, истакнувајќи: „Црната е боја на драмата – драмата на животот!“, а градоначалничката на Риека се обрати со пригодни зборови.

– Му благодарам на авторот што нѐ тера на размислување, ни отвора нови хоризонти кои ни покажуваат дека црното не е така мрачно, туку дека може да биде и нов почеток ако се потсетиме дека ноќта е најтемна пред зората и дека она што денес изгледа темно, утре можеби нема да биде така – рече Ива Ринчиќ.

Изложбата на Мице Јанкуловски во Риека ќе биде отворена за посетители до 3 ноември годинава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот