Сцена „Диво месо“ / Фотографија: Кире Галевски

Македонскиот народен театар со сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“ одбележа осум децении уметничка моќ

Со сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“, во режија на Дејан Пројковски и во продукција на Македонскиот народен театар, достоинствено и возвишено се одбележаа 80 години постоење на МНТ.

Прославата на осум децении посветеност на уметноста, традицијата и современиот театарски израз на Македонскиот народен театар пред публиката се отвори како моќна сценска визија, во која учествуваат повеќе од 60 актери и голем број луѓе зад сцената, создавајќи колективен чин на емоција, енергија и уметничка синергија. Актерите беа наградувани со континуирани и спонтани аплаузи на отворена сцена, како јасен израз на восхитот од публиката.

Сценскиот перформанс е инспириран од сѐ она што е важно, амблематично и препознатливо за Македонскиот народен театар, за македонската култура и традиција и за Македонија, воопшто. Перформансот е големо патување низ националната драма и сите основоположници на македонската драма и литература.

Во претставата се претставени сценски слики од највпечатливите моменти на сите големи автори на големата драматика, како и сите оние слики што се втиснати во колективната меморија и традиција. Претставата е аудиовизуелно патување низ македонската драматургија, поезија, проза, песна и ликовна уметност. На сцената преку уметничката визија се претставени сценски слики што се значајни за нашиот идентитет, преку кои се создава мозаик од музика, поезија, приказни.

Сцена „Мери Бошкова“ / Фотографија: Кире Галевски

Претставата почнува со репликата од која е изведен насловот „Сонцето, колку е блиску сонцето“, односно првата реплика во историјата на Македонскиот народен театар кажана на сцена во 1945 година во драмата „Платон Кречет“ од Александар Корнејчук, во режија на Димитар Ќостаров, а во превод на Блаже Конески. Потоа се редат сцени со кои е направен омаж за доајените на МНТ, како Петре Прличко, Мери Бошкова, Љупка Џундева, Ристо Шишков.

Во драматургијата на спектаклот се користени текстови од Григор Прличев, Војдан Чернодрински, Ташко Георгиевски, Ристо Крле, Дејан Дуковски, Горан Стефановски, Блаже Конески, Јордан Плевнеш, Петре М. Андреевски, Коста Рацин, Браќата Миладиновци, Никола Јонков Вапцаров, Коле Неделковски, Васил Иљоски, Гане Тодоровски, Марко Цепенков, Живко Чинго, Коле Чашуле и Крсте Петков Мисирков. Структурата е изградена со мозаик од култни сцени од најзначајните претстави поставени во МНТ, а омаж е направен и на значајни ликовни творци и сценографи.

Сцена „Парите се отепувачка“ / Фотографија: Кире Галевски

По изведбата во преполната сала, спектаклот се издигна како симбол на континуитетот, творечката храброст и духовната сила на Македонскиот народен театар. Театарскиот чин беше награден со долги стоечки овации.

Претставата „Сонцето, колку е блиску сонцето“ не е само прослава на јубилејот туку и силна порака за иднината – дека театарот останува жив простор на дијалог, светлина и заедништво. Следните изведби на спектаклот „Сонцето, колку е блиску сонцето“ се на 15 и 16 јануари 2026 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 314, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4.1.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот