Македонскиот камерен оркестар „Профундис“ и виолинистката Ирина Мурезану ќе настапат во Нови Сад

Концертен настап на „Профундис“ и Ирина Мурезану

По успешните концерти во „Коларац“ во Белград и во Македонската филхармонија во Скопје, патувачкиот омнибус на камерниот оркестар „Профундис“ и светски познатата виолинистка Ирина Мурезану следниот концертен спектакл ќе го изведат пред публиката во Нови Сад

Уште едно во низата интернационални гостувања на македонскиот камерен оркестар „Профундис“ оваа сезона, по спектакуларните настапи на сцената на престижниот фестивал „Раванелиус“ во Србија и „Котор Арт“ во Црна Гора, е концертот во Нови Сад. Настанот ќе се одржи на 23 септември (сабота), со почеток во 20 часот, во Новосадската синагога.

– Да се настапува на иста сцена со Ирина Мурезану со нашата концертна турнеја во Скопје, Белград, а сега и во Нови Сад, е вистинска чест. Нејзината виртуозност и страст кон виолината се неспоредливи, а спојувајќи ги заедно со нашиот камерен оркестар „Профундис“ создаваме музичко искуство што ќе допре до срцата на новосадската публика. Концертот е прослава на универзалниот јазик на музиката и ги повикуваме сите да ни се придружат на оваа незаборавна вечер – изјави Ѓурѓица Дашиќ, уметнички директор и диригент на камерниот оркестар „Профундис“.

Романската виолинистка Ирина Мурезану ги освојува срцата на публиката и на критичарите со нејзините возбудливи, елегантни и искрени изведби на класичниот, романтичен и модерен репертоар. „Бостон Глоуб“ ја пофали како „не само виртуоз, туку и уметник“, а „Лос Анџелес тајмс“ напиша дека нејзиниот „музички сјај, топена лирика и колоритна концепција ја прават изведбата на Ирина Мурезану особено восхитувачка“. Свири на виолина од 450.000 евра и е лауреат и добитничка на главната награда на натпреварите за виолина во Монтреал Интернационал, Вашингтон интернационал, „Про музицис интернационал“ и наградата „Кралица Елизабета 2“.

Концертен настап на „Профундис“ и Ирина Мурезану

Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав што постои веќе три години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во РСМ, Националната опера и балет и Националната филхармонија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 197, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.9.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот