Без вода / Фото: Архива на „Слободен печат“

Македонската вода ќе вреди како чисто злато

Можеби не во блиска иднина, но не е исклучено и некоја македонска компанија која произведува и пакува вода, да излезе на светските берзи. Предизвикот се наметна, по веста, дека за прв пат во историјата на Волстрит, се тргува и со вода.

Добрите познавачи на проблематиката, велат дека Македонија е во голема предност со природните богатства, како што е водата, која во иднина може да вреди повеќе од чисто злато. Полека, но сигурно и македонските производители на флаширана вода стануваат се посериозни, извозни играчи, не само во регионот, туку и пошироко.

-Секако дека не е исклучено да се појавиме на некоја од светските берзи, иако тоа нема да се случи многу скоро. Еден од предусловите е да влеземе во ЕУ, кога ќе се почитуваат вистинскиот квалитет и ќе се отворат вратите до пробирливите европски пазари- вели за „Слободен печат“, Митко Јовановски, директор на маркетинг во „Кожувчанка“ ДОО Кавадарци. Засега, според Јовановски, 80 проценти од негазираната вода се пласира на домашниот пазар, а остатокот оди за извоз во регионот. Повремено имаат и пратки, преку океанот. Водата, која тие ја произведуваат подлежи на строги контроли, па затоа мора да се следат сите најнови стандарди, а лабораториските анализи ги прават во германскиот институт „Фрезениус“, додава Јовановски.

Веќе неколку години, според домашните берзантски податоци, природната, но и минералните и газираните води, се одличен комерцијален производ, од кој се вртат милиони и покрај фактот дека добар дел од населението не се откажува од водата од чешма. Како што се менуваат потрошувачките навики, така и Македонците се почесто купуваат пакувана вода, па не треба да зачудува фактот што и за увоз на странска обична или минерална вода се трошат неколку милиони евра. Во 2018 година, биле увезени 1.335 пратки со минерална вода или  22.518 тони, а во 2017 година, во земјава влегле 1.147 пратки со минерална вода или над 20.720 тони

Шест домашни производители на флаширана вода, лани направиле приходи поголеми од еден милиони евра. Четири од нив, доминантно произведуваат вода (минерална, негазирана или газирана). Операторите со храна вклучително и оние кои произведуваат и пакуваат вода имаат законска обврска  да вршат редовни контроли на безбедноста и квалитетот на минералните води кои ги произведуваат со вршење на лабораториски испитувања.

Како што објавија светските агенции, цената на водата на Волстрит, варира како цената на нафтата, златото или пченицата. Според финансиските експерти со доаѓањето на водата на берзите ќе се овозможи подобро управување на идните ризици поврзани со клучниот природен ресурс. Кина и САД се најголеми потрошувачи на вода во светот. ОН предупредуваат дека за неколку години, две третини од Земјата би се соочиле со недостиг на вода, што би можело да предизвика големи миграции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот