Македонската слем-поезија доби нов национален претставник

Македонски национален победник во слем-поезија за 2021 година е младиот слемер и изведувач Горазд Китановски – Кени од Скопје. Кени ѝ е познат на македонската јавност по својот поетски перформанс на изведување и читање поезија во автобус на ЈСП во почетокот на годинава, како и по мултидимензионалниот перформанс „Градот убав“, посветен на Скопје (поезија придружена со пијано и изложба на мурали) во соработка со Филип Димишковски и Андреј Павлов, што се одржа во Музејот на современата уметност во рамките на „Бела ноќ“ во 2020 година.

Второ место на слем-натпреварот, што минатиот викенд се одржа во Прилеп, го освои прилепчанецот Никола Дукоски, а третото битолчанката Валерија Дамчевска. Традиционално, победникот ја претставува Македонија на Европското слем-првенство, на кое досега се натпреваруваа Афродита Николова, Игор Трпчески – Трпче, Марија Грубор и Елена Пренџова.

Единаесеттиот национален слем-натпревар се одржа минатиот викенд во киното „Мис Стон“ во Прилеп, а за титулата национален/а победник/победничка се натпреваруваа дваесетина присутни слемер(к)и: Валерија Дамчевска, Габриела Стојаноска – Станоеска, Горазд Китановски – Кени, Дарко Гроздановски, Дафина „Даффне“ Веселиноска, Дијана Петкова, Илијана Ѓоргиева, Ирена Јурчева, Корнелија Јосифова, Константин Карев, Марија Грубор, Марина Икономова Шокева, Никола Дукоски, Оливера Доцевска, Софија Тодороска, Тихомир Јанчовски и Цветанка Колева.

Специјален гостин на вечерта беше данскиот поет Мартин Глас Серуп, чии песни во препев на македонски и на англиски јазик ги читаа Драгица Здравеска, Добрила Грашеска, Цветанка Колева и Билјана Волчевска.

Вовед во настанот беше промоцијата на стихозбирката „Пред некое време“ од Тихомир Јанчовски, чии песни, покрај авторот, ги интерпретираа и Добрила Грашеска и Игор Трпчески – Трпче.

Традиционалниот национален слем-натпревар е во организација на „Театарска работилница“ – Прилеп и Игор Трпчески – Трпче и во коорганизација на Елена Пренџова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот