Македонска премиера на докуменатрецот „Њујорк:Аџилак“, разговор со д-р Славчо Ковилоски, професор и режисер: Хип-хоп културата несвесно е влезена во нашето секојдневие
На почетокот на документарецот се дадени кадри од Скопје и архивски снимки од различни хип-хоп настани што се случувале во Македонија изминатите двесетина години, а останатите 99 проценти се снимени во Њујорк и тоа на некои од најопасните места што резултираше со низа забавни, но и доста сериозни ситуации.
Вечерва, (19 септември) со почеток во 22 часот, на отворениот кино-парк „Ибни Пајко“ во Скопје, во составот на Филмскиот фестивал „Синедејс“, македонска премиера ќе има документарниот хип-хоп филм „Њујорк: Аџилак“ на режисерот Славчо Ковилоски, член на хип-хоп групите „Клан исток“ и „Браќа по крв“, и редовен професор на Институтот за македонска литература.
Хип-хоп документарецот „Њујорк: Аџилак“ е своевидно патешествие низ улиците на Њујорк, родното место на хип-хоп културата. Културните влијанија, расните проблеми и борбите за права се прикажани во културна смисла во овој 39-минутен документарец. Главна цел е да се направи паралела помеѓу развојот на хип-хопот во САД и во Европа, поточно во Македонија, каде што хип-хопот се појавил на почетокот од 90-тите. Документарецот е исполнет со музика од златното време на хип-хопот и слики од гетата и местата каде што се развивала оваа култура, а се дава личен приказ за градот што го доживеал авторот на филмот, кој пораснал со хип-хоп културата.
Во рап албумите често има интро, кое е твоето?
– Microphone check-a, one-two check-a!
Што е хип-хопот, реализам, инклузија, култура, трансверзалност, оспорување, поезија?
– Сето наведено. Хип-хопот афирмира, оспорува, создава трансферзали, урива табуа, создава непријатности за меките уши, едуцира, забавува. Без влакна на јазикот.
Како настана документарецот „Њујорк: Aџилак“ и со која цел?
– Филмот настана како производ на проектот „Хип Хоп мејд ин Маседониа“ (Hip Hop Made in Macedonia), кој што се одржа во Њујорк со цел македонската хип-хоп култура да се презентира на американско тло. Тогаш беше направена изложба со кавери од македонски хип-хоп албуми, се проектираше документарниот фил „Сложувалка“ и се одржа настап на групата Клан Исток, што воедно беше и прв официјален настап на македонска хип-хоп група во Америка. Важно беше да се прикаже дека хип-хопот е култура, со свои специфични карактеристики.
Каде снимавте, кои се учесниците, колку време се подготвуваше документарецот?
– На почетокот се дадени кадри од Скопје и архивски снимки од различни хип-хоп настани што се случувале во Македонија изминатите двесетина години. Останатите 99 проценти се снимени во Њујорк и тоа на некои од најопасните места во гетата на Квинс, Бруклин и Бронкс, што резултираше со низа забавни, но и доста сериозни ситуации. Снимањето започна во 2018 година, но постпродукцијата траеше дури две години. И еве, се погоди за време на пандемија…
Како би им ја објаснил хип хоп културата на оние кои отсекогаш се држеле подалеку од неа?
– Слушајте го ритамот и текстовите. Отворете ги умовите и не се плашете.
Хип хопот е стар над 40 години и поминаа над три генерации уметници. Како претставник на новиот бран кај нас, која е разликата меѓу новите хипхопери и ,старата школа”?
– Всушност, јас сум дел од најстарата генерација на македонски хип-хоп акивисти. Разликата е повеќе од очигледна и се однесува на ритамот, на текстовите, на облеката, на градењето ставови и нивното изразување. Тогаш хип-хопот беше андерграунд, сега е дел од популарната култура. Всушност, ние живееме во време на комерцијален хип-хоп. Погледнете само, графитите како уметност се присутни на нашите ѕидови, дуксерите, ди-џеите, начинот на кој зборуваме, сè тоа е под влијание на хип-хоп културата која веќе несвесно е влезена во нашето секојдневие.
Има ли политичка димензија хип хопот, и која е?
– Апсолутно. На хип-хопот гледам најмногу како на алатка со којашто можат да се изборат некакви права, што укажува на последиците од неправилностите во системот, на двојните аршини и што ја отсликуваат состојбата во земјата. Тоа важи за сите земји во светот. Така, она што денес се случува во САД е логичен производ на ставот на хип-хопот во однос на меинстримот и однесувањето на големите корпорации.
Ена Веко беше првата македонска раперка и во раните 90-ти години беше вистинска атракција, може ли да се согласиме дека рапот кај нас е промовиран и лансиран, сепак, од жена?
– Таа е позната поради медиумското внимание кое го привлече, инаку и пред неа постоеја хип-хоп артисти кои си ја работеа работата.
Денес, барем кај нас, изгледа дека воопшто хип-хопот стана ,,машка работа”, што е со жените, или не ги примате во друштво?
– Ги примаме, како не ги примаме, отсекогаш било така. Всушност, во светски рамки денес женските изведувачи стојат рамо до рамо со мажите, а уште повеќе ги има во науката и теоријата на хип хопот. Со дел од нив соработуваме и ние, сме разменувале искуства и сме имале интервјуа: Триша Роуз, Мајра Браун, Ракел Ривера итн.
Хип хоперите, меѓу другото, се одлични провокатори ама и едукатори. Што провоцира, а што едуцира новата наша генерација?
– Во повеќе прилики сме истакнувале дека хип-хопот е како електрицитет – може да се употребува и позитивно и негативно. Екипата на „Хип Хоп Македонја“ која како организација постои од 1999 година е единствената македонска, но и балканска дружина која држела предавања, дискусии и трибини на тема хип-хоп, во Македонија и надвор од неа. Главната поента на нашите предавања се потребата од образование, од знаење, од наш придонес за заедницата во којашто живееме. Хип-хопот стана дел и од академската средина со организирањето предавања на Филозофскиот факултет, трибината одржана лани во Институтот за македонска литература, а е дел и од наставната програма на предметот Супкултура на Културолошките студии на Институтот.