илустрација / Фото: Драган Митрески / Слободен печат

Македонија врие од сообраќајни несреќи – експертот Трпевски открива кои се причините и предлага измени во три закони

Судскиот вештак Дејан Трпевски предупредува дека користењето телефон за време на возење претставува сериозен ризик и дека, за жал, бројот на несреќи предизвикани поради оваа навика постојано расте наместо да се намалува.

Во саботата 22-годишно момче со БМВ удрило во неколку контејнери и во паркирана кола блиску до кулите „Џевахир“ во Скопје. Претходно, во првите четири дена од ноември, шестмина луѓе ги загубија животите во сообраќајни несреќи во земјава. Од почетокот на оваа година, заклучно со октомври, се регистрирани 115 жртви, а во текот на минатата година — 142 луѓе настрадале во сообраќајни несреќи, според информациите од полицијата.

„Овие поразителни бројки не се резултат на природни катастрофи, туку на нашата култура, менталитет и однесување во сообраќајот. Не смееме да дозволиме сообраќајот од секојдневна неопходност да прерасне во нужно зло“, соопшти Министерството за внатрешни работи, повикувајќи ги возачите да не користат телефон при возење, да не седнуваат зад волан под дејство на алкохол и да не ја надминуваат дозволената брзина.

Полицијата го фати возачот што синоќа дивееше кај „Џевахир“ и собираше контејнери и автомобили со своето БМВ

„Бројот на полицајци не решава ништо“

Многумина сметаат дека неприсуството на сообраќајни полицајци е една од причините за зголемениот број вакви несреќи. Сепак, судскиот вештак за сообраќајни незгоди и сообраќаен инженер Дејан Трпевски смета дека зголемувањето на бројот на полицајци на терен не е суштинското решение, туку самиот систем.

– Не постои универзален стандард колку сообраќајни полицајци се потребни. Во западноевропските земји поставеноста и функционалноста на системот се основата за безбедност, а физичкото присуство на полицијата е само извршниот дел. Проблемот не е во луѓето на терен, туку во системот кој дозволува манипулации, неефикасни казни и избегнување одговорност. Најефикасно е поставување на функционален систем кој би ја гарантитрал безбедноста – вели Трпевски за „Слободен печат“.

Трпевски појаснува дека „црните точки“, местата каде што најчесто се случуваат сообраќајни несреќи, се одамна познати. Но, според него, статични патроли таму нема да помогнат.

– Црните точки се добро познати. Праќање патроли на таквите места нема многу да помогне, бидејќи таквите патроли треба да се мобилни и не можат да бидат врзани за одредена точка, тоа би било неизводливо. Проблемите со црните точки треба да се решаваат во најголем дел со технички решенија кои би ги намалиле ризиците на таквите места – објаснува Трпевски.

Тој додава дека ни дополнителната опрема ни радарите не ја гарантираат безбедноста.

– Самите радари ни дополнителна опрема нема да ја гарантираат ефикасноста. Пример, имате опремена екипа со радари кои ќе сопрат повеќе возачи што треба да бидат казнети. Тоа не е гаранција дека ќе дојде до зголемување на безбедноста. Доколку полицискиот слижбеник не го снима со камера процесот на стопирање на возачите, што подоцна би се користело во постапката, се остава простор за манипулација на самото место, па следи неефикасен систем. Доколку се напише казна за возачот кој го направил прекршокот, нема гаранција дека тоа ќе делува превентивно и едукативно, доколку казната е мала или е подложна на ескивирање што честопати се случува – посочува судскиот вештак.

Зошто нашите полицајци не носат боди камери?

„Опомена за 0,5 промили, одземање возачка дозвола за повеќе“

Според анализите на вештакот, брзината е број еден причинител на смртни сообраќајни незгоди, веднаш потоа следуваат алкохолот и управувањето без возачка дозвола.

– Од сообраќајните незгоди, брзината е фактор број еден за незгоди со жртви. Од податоците може да се направат анализи за тоа кои фактори статистички се на првите три-четири места во сообраќајните незгоди со жртви. Тука спаѓаат и управувањето возило под дејство на алкохол, како и управувањето возило без возачка дозвола – вели Трпевски.

На менталитетот на возачите може да се влијае само со две мерки, вели вештакот, едукација и казна и тоа во комбинација.

– Потребна е строго регулирана казнена регулатива со однапред познати последици по возачите. На пример: забрането присуство на алкохол во организмот, нула промили алкохол. Ако биде утврдено присуство на алкохол до 0,5 промили, ќе следува опомена ако е првпат. Доколку биде фатен по вторпат во рок од 2 години, ќе следи одземање на возачката дозвола 6 месеци. За присуство на алкохол од 0,5 до 1 промил, се одзема возачка дозвола на 12 месеци и казна од 500 евра. За присуство на алкохол од 1 до 1,50 промили, се одзема возачка дозвола трајно, па ќе мора повторно да полага, но по истек на 12 месеци. За присуство на алкохол поголемо од 1,50 промили, се одзема возачка дозвола трајно, па ќе мора да полага, но сега по истек на 24 месеци и да се одземе возилото трајно – објаснува тој.

Овој модел, според него, би ја елиминирал можноста судиите да „прогледуваат низ прсти“, бидејќи казните би биле однапред дефинирани и недвосмислени.

Користењето телефон додека се управува возило е сериозен проблем, а за жал, тврди Трпевски, бројката на несреќни случаи поради користење телефон зад волан се зголемува наместо да се намалува.

Мораше ли да згаснат пет животи? Властите допрва ќе реагираат за „црната точка“ на новиот пат Прилеп-Градско

„Треба да се сменат три закони“

Промени се потребни во Законот за безбедност на сообраќајот, Законот за прекршоци и Кривичниот закон, објаснува Трпевски.

Тој предлага одредени прекршоци да се третираат како кривични дела, меѓу кои: возењето без возачка дозвола, поминувањето на црвено светло, возењето под дејство на алкохол над 1,5 промили и големото пречекорување на дозволената брзината (над 30 километри на час во град или 60 километри на час на автопат).

Исто така, експертот предлага воведување комунална полиција на општинско ниво, како во Србија, која би изрекувала казни за погрешно паркирање.

Според него, важно е граѓаните да бидат вклучени во контролата на прекршоци.

– Полицијата треба да може да казнува врз основа на снимка од граѓани, доколку се гледа време, место и начинот на прекршокот. Во Франција државата плаќа надомест за доставена снимка. Така секој возач ќе се плаши дека може да биде снимен – објаснува тој.

Како дополнителна мерка, тој предлага стимулации за возила со вградени камери, преку поволности при регистрација или осигурување.

Тројца млади скопјани се повредиле кај Страцин, со автомобил излетале од пат

Трпевски нагласува дека Словенија има систем што ги опфаќа сите овие елементи, казни, автоматизација и јавна свест. Но, и таму, како и кај нас, клучен останува човекот.

Од МВР порачуваат дека ќе продолжат со засилени контроли на терен, но дека вистинската промена почнува со одговорноста на секој возач.

Овој почеток на ноември не е исклучок од правилото, туку стандард во земјата. Патиштата и понатаму се места на секојдневен ризик. Без системска промена, техничка опременост, строги закони и култура на одговорност, бројот на сообраќајни несреќи нема да се намали, иако, сепак, нема конкретно и едноставно решение за ваков сложен проблем кој е предизвикан под повеќе причини.

Судот му ги зеде пасошите на возачот кој го прегази Јорго Ќука на пешачки – во притвор не оди бидејќи ОЈО не побара

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот