Македонија стартуваше со пораз од Естонија во квалификациите за Евробаскет 2025

фото: kfsm.mk

Денеска во првиот натпревар од квалификациите за Евробаскет 2025 во СРЦ „Кале“ во Скопје најдобрата македонска кошаркарска репрезентација во рамките од групата „Х“ загуби од Естонија со 69:74 (20:19, 23:17, 10:21, 16:17).

Во текот на првата четвртина двете репрезентации се менуваа во водство, Естонците на почетокот имаа позитива од 3:0, 8:6, потоа нашата селекција направи пресврт за највисоки 16:10. Следуваше серија на поени на противникот од 9:0, но во финишот на првите 10 минути нашите најдобри кошаркари се погрижија за минимални 20:19.

Во втората четвртина многу подобра игра на македонските кошаркари кои ја зголемија позитивата на 25:20. Не дозволуваа противниците да имаат преголема негатива, стигнуваа до 25:24, 28:26 и 33:32. Следуваше нова низа поени на македонската репрезентација од 8:0 за 41:34 на семафорот, а на паузата заминавме со 43:36.

Поинаква слика на теренот видовме во третата четвртина, општо во вториот дел, Естонија почна сериозно да ја топи нашата позитива, и успеа да поведе со 45:43. Повторно играчите на Јончевски го контролираа резултатот, не за долго и не повисоко од „плус четири“ (49:45, 53:49). Следуваше нов пад во играта на македонските репрезентативци, и пред стартот на последните 10 минути гостинот водеше со 57:53.

Сега ние бркавме негатива, која тешко се анулираше на стартот од последната делница, Естонија одржуваше „плус пет“ (63:58, 65:60). Успеавме да се доближиме до 63:60 и 65:62 за одржување на неизвесноста во мечот, но во клучните минути дозволивме противникот да избега дури на „двоцифрена“ разлика (72:62).

Се обидовме со сите сили да се вратиме во финишот, успеавме да стигнеме 72:69, но не и да се направи целосен пресврт, па на крајот Естонија се радуваше на триумфот, а ние се помиривме со првиот пораз во квалификациите.

Најефикасен во нашите редови беше Димитријевиќ со 25 поени, следен од Хап со 18. На спротивната страна по 16 поени запишаа Котсар и Вене. Следниот меч избраниците на селекторот Александар Јончевски на 26 февруари на гостувањето кај Полска која на стартот загуби од Литванија со 83:64.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот