Maкедонија очекува извинување од Бугарија за пропустот со македонското знаме
Сликањето на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев пред бугарското знаме, но без македонско, е протоколарен пропуст.
Пред средбата, како што велат од МНР, сè било договорено меѓу кабинетите на претседателите и македонската амбасада во Софија. Била договорена заедничка средба и фотографирање само во работниот дел од канцеларијата на бугарскиот претседател. Но, нивниот протокол отстапил од договорено и се случи тоа што се случи.
Според информациите од Министерството, на бугарскиот амбасадор Желјазко Радуков на денешната средба со директорот на Дирекаторатот за регионот во МНР. ќе се бара извинување од страна на Бугарија за направената отстапка од договорено, а ќе биде упатена и протестна нота.
На прашањето зошто на лице место не било реагирано од страна на македонскиот протокол, дипломатите во МНР уверуваат дека поради тоа што неколку часа претходно во Бугарија се урнал воен авион и загинале двајца нивни пилоти, би било несоодветно во тие моменти да се реагира.
Претседателот на Бугарија, Румен Радев за овој настан вели дека ова не било ниту државна, ниту работна посета на претседателката Сиљановска-Давкова.
– Нека биде јасно, ова не беше ниту државна, ниту работна посета и се надевам дека во блиска иднина претседателот на Република Северна Македонија ќе оствари државна посета, која ќе биде со сите официјални церемонии по протокол, и тоа ќе придонесе и за нашите односи – изјави денеска Румен Радев и додаде дека средбата во Софија била конструктивна и со добар тон, како и дека добил покана за посета на Македонија.