Македонија меѓу земјите со највисока стапка на активни пушачи, 40 отсто од 14-годишниците веќе пушат цигари
Загрижувачки е што децата и младите се изложени на чад од тутун во домовите и јавните простори во период кога нивниот кардиоваскуларен систем е во развој, што создава трајни оштетувања и го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања во младата возраст
Македонија губи околу 4.000 животи годишно како последица од пушењето тутун или тутунски производи. Бројот на активни пушачи во земјата изнесува 40,4 отсто, а само пет проценти од пушачите успеале да се откажат од цигарите во последните години, покажуваат истражувањата на Институтот за јавно здравје.
Препорачано
Според податоците од Светската здравствена организација (СЗО), 40 проценти од младите во Македонија на возраст од 14 години веќе пушат иако со закон е забранета продажбата на цигари на малолетници. Процентуалната застапеност на населението кое употребува тутун ја става Македонија во државите со најголеми стапки на активни пушачи
На денешната јавна расправа на тема „Заштита на децата и младите од штетните влијанија и последиците од пушењето“, организирана од Комисијата за здравство, експертите предупредија на алармантните стапки на пушење меѓу младите и потребата од итна акција на национално ниво.
-Имаме закон според кој пушењето е забрането и во здравствени установи, кафулиња, ресторани. Кога излегуваме од кафулиња и ресторани мирисаме на цигари, затоа што таму има квази тераси на кои може да се пуши – истакна д-р Глигор Тофоски, специјалист, акушер.
На расправата беше посочено дека пасивното пушење, како и употребата на електронски цигари, предизвикуваат сериозни здравствени ризици, особено кај децата и младите чиј кардиоваскуларен систем сè уште е во развој. Кардиологот Саша Ќаева Атанасова истакна дека дури и краткотрајна изложеност на чад од тутун доведува до воспаление на ѕидот на крвните садови и зголемување на ризикот од коронарни срцеви болести и мозочен удар.
-Процентуалната застапеност на населението кое употребува тутун ја става Македонија во државите со најголеми стапки на активни пушачи. Според истражувањата на Институтот за јавно здравје, бројот на активни пушачи во земјата изнесува 40,4 отсто односно само пет проценти успеале да се откажат од цигарите во последните години. Во просек активен пушач консумира до 18 цигари дневно. Загрижувачки е што децата и младите се изложени на чад од тутун во домовите и јавните простори во период кога нивниот кардиоваскуларен систем е во развој, што создава трајни оштетувања и го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања во младата возраст. Изложеноста на пасивен тутунски чад носи значаен кардиоваскуларен ризик – рече доктор Ќаева Атанасова.
Генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, посочи дека Македонија годишно губи околу 4.000 животи како последица на пушењето.
-Седум од десет корисници на тутун почнуваат додека се малолетни. Само пет отсто успеваат да се ослободат од зависноста. Пушењето го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања и ја создава долгорочната неодржливост на здравственото осигурување – нагласи Клековски.
Кардиологот Сашко Кедев рече дека има можеби еден алармантен сигнал дека има сигнификантно зголемен ризик од нагла смрт кај млади луѓе без никакво образложение, нагла смрт кај млад човек асоцирана со електронски цигари. Тоа, посочи д-р Кедев, не смееме да си дозволиме да не го заштитиме нашиот најмлад дел од популацијата.
-Втор аспект кој е многу важен е дека пасивното пушење, не зборуваме за конвенционалното пушење, тоа е расчистено, исто така е сигнификантно асоцирано со последици, бидејќи тој чад, тие аеросоли од електронските цигари содржат утрафини честички, никотин во непредвидлива концентрација, тешки метали, токсични алдехиди и нема дилема дека не смееме да бидеме жртви на правото на некој да пуши електронски цигари, а да го загрозува здравјето пред сè на младата популација, меѓутоа и на сите останати. Најверојатно во овој процес пред сè здравствени авторитети ќе бидат под голем притисок. Владата ќе биде под голем притисок. Влоговите се огромни, таа индустрија е многу силна. Бизнис заедницата која ја поддржува таа индустрија е многу влијателна и кај здравствените авторитети и во Владата и во Парламентот. Треба да им дадеме голема поддршка во овој нивен би рекол многу херојски чин и акт да го поминат и спроведат овој закон – рече д-р Кедев.
Од правните аспекти, појасни, дел ќе бидеме нападнати во однос на ограничување на слободите и правата на избор на пушачите.
-Тоа е во ред беше кажано многу аргументирано дека секој има можност таа слобода да си ја задржи и стои правото на избор. Меѓутоа, правото на избор и слободата е асоцирано со одговорност. Нема слобода без одговорност. Не зборуваме за лична одговорност, тоа е право на секој пушач, туку зборуваме за одговорност кон другите, бидејќи таму каде што завршува слободата и правото на избор започнува здравјето на еден млад човек – додаде Кедев.


