Македонија ќе учествува во ПИСА-тестирањето идната година, Царовска ветува подобри резултати

Мила Царовска, екс министерка за образование и наука / Фото: Министерство за образование и наука

Македонија ќе учествува во меѓународното ПИСА-тестирање што го организира ОЕЦД, а ќе се спроведе во 2022 година и за таа цел интензивно се подготвуваме речиси една година, изјави денеска министерката за образование Мила Царовска.

Таа се надева дека при проверката на научната и математичката писменост, писменоста за читање и креативноста во размислувањето, учениците ќе покажат подобри резултати во однос на изминатите тестирања.

„За тоа и, всушност, ги подготвуваме. Но, значителен напредок очекувам да постигнеме за 5-6 години од сега кога целосно ќе се заокружи реформата во основното образование, која ја почнавме годинава, а една од иницијалните причини беа токму слабите резултати на ова и неколку други меѓународни тестирања во минатото“, рече таа.

Царовска заедно со директорката на Државниот испитен центар во скопското средно училиште „Боро Петрушевски“ – АСУЦ го означија почетокот на пробното ПИСА-тестирање, кое ќе се спроведува во следните 10 дена, а учествуваат 885 ученици на 15-годишна возраст од 13 средни училишта.

„Со цел запознавање со процедурите за спроведување на тестирањето, за наставниците уште во текот на минатата година беа организирање онлајн-обуки, а поголема група ученици денеска е дел од пробното тестирање преку кое ќе ги увидиме сите аспекти на кои ќе треба да се посвети поголемо внимание при главното тестирање в година. Мораме добро да се подготвиме и да добиеме објективни резултати. Тие нам ни се особено важни како земја во развој и ќе бидат патоказ за креирање на идните образовни политики“, рече Царовска.

Министерката потсети дека токму како резултат на слабата подготвеност на учениците да го применат во реалниот живот тоа што го научиле на училиште, што се покажало на претходните ПИСА-тестирања кога бевме меѓу последните земји, усвоена е нова концепција за основно образование, врз основа на која почна и етапно креирање нови наставни програми и материјали за учење, кои воедно и се дигитализираат, а интензивно се вложува и во опремување на училиштата, со што треба да се обезбеди поинтерактивна и поефективна настава.

ПИСА е најголемото светско меѓународно истражување во образованието во кое се вклучени ученици на 15-годишна возраст. Се спроведува уште од 2000 година од страна на Организацијата за економска соработка и развој (OECD) и во него се вклучени повеќе од 85 земји учеснички. Преку ова тестирање се мери примената на знаењата од научната писменост, математичката писменост, писменоста за читање на учениците, а во 2022 година првпат ќе се мери креативно размислување на учениците.

Македонија преку Министерството за образование и наука до сега има учествувано во три циклуси: во 2000-та, 2015-та и 2018-тата година. Ова ќе биде наше четврто учество во студијата, а реализатор е Државниот испитен центар.

За успешна реализација на пробното тестирање, кое во следните 10 дена ќе се спроведува електронски, обезбедена е поддршка од Светската банка за набавка на информатичка опрема исклучиво за оваа цел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот