Македонија ќе фрла вакцини од „Астра Зенека“, рокот им истекува за две недели?!
Се поизвесно е дека илјадници вакцини од производителот „Астра Зенека“ ќе бидат фрлени до крајот на ноември во земјава, дознава „Слободен печат“. Во моментот, Министерството за здравство има на располагање 30 илјади дози вакцини од овој производител чиј рок на траење е до крајот на месецов. Со нив, според информациите кои ги доби „Слободен печат“ од Министерството, се врши ревакцинација.
Ако се погледне трендот од изминатите две недели, се доаѓа до заклучокот дека за 15 дена, аплицирани како ревакцина биле 8.821 доза вакцини. Тоа е далеку помал број од 30 илјади колку што дози се останати за трошење од „Астра Зенека“ за следните две недели. Освен тоа, со вакцините на „Астра Зенека“ во земјава не може да се вакцинира секој, туку само граѓаните повозрасни од 60 години, а третата доза нема шанси да биде од „Астра Зенека“ зашто единствено дозволена како трета доза е вакцината на „Фајзер“. Освен овие вакцини, во моментот на располагање има и вакцини од „Фајзер“ со рок од траење до јануари и февруари следната година и околу 5 илјади вакцини од „Синовак“ со рок на траење до 2023 година.
Во петокот и во саботата аплицирани се вкупно 4.684 дози вакцини, од кои 1.133 се аплицирани како прва доза, 916 се ревакцини, а 2.635 граѓани примиле трета доза вакцина. Повеќенеделниот тренд во државата е да има поголем интерес за трета отколку за прва доза вакцина, од што произлегува дека оние кои се вакцинираа на почетокот на вакциналната кампања, продолжуваат да го заштитуваат своето здравје и со трета доза, а оние кои одбиваат вакцина, и понатаму се резистентни.
Здравствените власти се свесни дека треба да се работи на зголемување на вакциналниот опфат во земјава. Целосно вакцинирани се помалку од половината од граѓаните, што е недоволно за постигнување колективен имунитет. За колективен имунитет и отпорност на новите соеви, како на пример делта плус сојот, потребно е нивото на вакцинација во земјава да достигне 80 проценти. Во Институтот за јавно здравје во Скопје, според нашите информации, се работи на секвенционирање на делта плус варијантата на коронавирусот, но секвенционирањето трае долго, од 7 до 14 дена. Засега нема потврдени случаи на делта плус варијантата во земјава.
Бројот на активни случаи се искачи на 8.500. Најголемиот дел од нив се во главниот град, каде што има и најголем притисок за хоспитализации, особено на Инфективната клиника и во ГОБ „8 Септември“. Комисијата за заштита на населението од заразни болести неделава ќе заседава за евентуални рестрикции на невакцинираните, но засега на слабиот вакцинален опфат здравствените власти одговараат само со апели и молења. Од денеска на сила е рестриктивната мерка – во објекти на затворено да може да се влегува само со вакцинален сертификат со две примени дози, наместо со една примена доза, како што беше случај досега.