Трамп танцува/Фото: ALEX WONG / Getty images / Profimedia

Македонија е четврта по трампољубие во Европа, а „не е лоша“ ни на светско ниво

Во кои земји поддршката за американскиот претседател е поголема дури и од онаа во Македонија?

Македонија е меѓу земјите во Европа со највисока поддршка за американскиот претседател Доналд Трамп и се наоѓа на четвртото место, веднаш зад Косово, Романија и Молдавија, покажуваат најновите податоци од глобалната анкета на американската истражувачка организација  „Галуп интернешнал“ за крајот на 2025 година. Според табелите на „Галуп“, нето-рејтингот на Трамп во Македонија е позитивен (+2 отсто), што ја издвојува земјата од поголемиот дел од Европа, каде доминира негативен став кон американскиот лидер.

Анкетата, спроведена во 61 земја со повеќе од 64.000 испитаници, покажува дека во европски контекст Трамп највисока поддршка има на Косово (нето +27%), потоа во Романија (+11%) и Молдавија (+10%), по што следува Македонија со скромен, но позитивен биланс.

Во соседството, ставовите се значително понегативни: Србија бележи околу –44 отсто, Хрватска –46 проценти, Словенија –41 отсто, Бугарија –40%, Грција –29 проценти, додека Унгарија е  –9%. Западноевропските земји, пак, се најкритични – Данска, Шведска, Норвешка, Германија, Швајцарија и Холандија имаат силно негативни нето-оценки (од –66% до –84%).

Фото: Галуп

На глобално ниво, „Галуп“ бележи дека Трамп има 30 отсто поволен рејтинг (фаворабилност), што го става меѓу најпознатите политички лидери во светот, но, исто така, има и негативен нето-биланс од –31 проценти што го прави и најполаризирачки лидер во светот.

Во споредба со 2017 година, неговата глобална слика останува негативна и благо се влошува, додека, пак, други лидери, како Владимир Путин и Бенјамин Нетанјаху, бележат уште подраматичен пад на нето-перцепцијата. Единствено јасно позитивен глобален биланс има Папата Лав, со широка поддршка низ континентите.

Регионалната слика сугерира дека Трамп релативно подобро поминува во делови од Источна Европа и на Балканот отколку во Западна Европа и Североисточна Азија, каде што доминира силна одбојност. Аналитичарите на „Галуп“ посочуваат дека ваквите разлики се резултат на комбинација од геополитички ставови, перцепции за американската надворешна политика и локални политички наративи.

Путин е најпопуларен светски лидер во Србија, а на глобално ниво е на дното

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот