Мајка треба да се чува

Одговорноста е всушност основниот проблем што ние тука го имаме. Дали сме одговорни за себе, своите блиски и околината, е она што нѐ прави луѓе, а не психопати по дефиниција. На избори, во демократските општества, одговорноста за колективните одлуки ја пренесуваме на „наши“ избрани емисари, на кои ние им обезбедуваме плата. Тие треба да се занимаваат и со проблемите на правосудниот систем, но и за воздухот што го дишеме сите.

Загаденоста убива. Загаденоста убива со загрижувачко висока стапка, нè убива и нас, кои сме опкружени со природа, ама живееме во најзагадените градови на светот: Скопје, Битола, Тетово и Куманово. Според обемната студија објавена во журналот на медицинската наука „Лансет“, едно од шест предвремени умирања во светот во 2015 година било поврзано со болести што настанале поради изложеност на токсичен воздух за дишење.

Епидемиологот Филип Ландриган, кој го има водено тимот на истражувачи од овој проект, вели дека една ваква студија досега не е направена, но и дека таа точно ја исцртува мапата на пренаселените места во земјите во развој, кои оваа „здравствена“ криза ги зафаќа. Тој и додава дека ако се направат вакви подетални истражувања по региони, бројката на загрозени може да биде и поголема. А бројката е како од холивудски зомби-хорор филм: 9 милиони умрени само во 2015 година.

Кај нас не сум ни слушнал дека некој стручен институт или факултет тргнал да се занимава со оваа проблематика. Не знам и навистина не сум запознат со тоа дали сè уште имаме соодветни институти во ова декласирано од тендери македонско здравство. Но и да имаме соодветна институција, подготвена за ваков предизвик, веројатно нема пари за истражување, затоа што буџетот за наука речиси и да не постои. Ама пак непобитно постои фактот дека луѓе умираат од последиците на загадувањето. И, како што веќе пишував и пак ќе пишувам, сите ние имаме понекоја блиска душа што прерано заминала поради нашата неодговорност.

Одговорноста е всушност основниот проблем што ние тука го имаме. Дали сме одговорни за себе, своите блиски и околината, е она што нѐ прави луѓе, а не психопати по дефиниција. На избори, во демократските општества, одговорноста за колективните одлуки ја пренесуваме на „наши“ избрани емисари, на кои ние им обезбедуваме плата. Тие треба да се занимаваат и со проблемите на правосудниот систем, но и за воздухот што го дишеме сите.

Јас до скоро не знаев кои се тие, освен по аферите за патни трошоци, со кои веројатно може и „трошковно“ да се покријат последиците од загадувањето. Ама бев заинтересиран како дете пред штанд за сладолед кога требаше да се донесе законот за забрана на увоз на ѓубре. Веќе и преживеаните врапчиња знаат дека тој отпад се гори во несоодветни услови и дека тоа директно влијае врз загадувањето, особено во „метрополава“.

И обично не читам „фамозни“ извештаи од работата на законодавниот дом, но овој пат се појави листа со пратеници кои или не гласале или пак го дале својот глас против овој, за сите луѓе, од различни националности, религии и партии, пожелен закон. Се прашував кои се тие луѓе без чувства за другото битие, па дури ни за своите најблиски, луѓе без срам и без никаква социјална одговорност. Поставувајќи си ги овие и уште неколку битни прашања, доживеав реално „дежа ви“. Имено, прашањата кои себе си ги поставував во однос на „невидливите пратеници кои многу љубат да патуваат“, се всушност прашањата од тестот на американскиот психијатар Мајкл Левенсон, тест со кој се оценува кој е колку „психопат“. Психопатот не мора да е серискиот убиец кој темелно планира како да им наштети на своите жртви, всушност, при своите истражувања Левенсон дошол до интересни заклучоци како, на пример, оној дека 25 проценти од уапсените криминалци паднале на овој ист тест. Тоа и не ме чуди, отсекогаш знаев дека психопатијата е тесно поврзана со криминалот. А сега, знам и дека освен криминалци имаме и психопати кои ги поддржуваат истите. Сега ги знам со име и презиме. Знаете и вие, драги читатели и уживатели на воздухот, кој овие денови ни го чисти некој друг. На истиот начин на кои мајките ја чистат шолјата за какање по своите „размазени“ деца, Мајката природа деновиве нè чисти и лечи. Се обидува да ги заштити и своите „најнесакани“ деца, оние кои и јас ги нарекувам „психопатчиња“.

Ама мајка треба да се чува, вели старата народна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот