Мачка им се врати на сопствениците по 11 години: Сѐ уште сме во шок, ова е чудо!
Семејството Алан од Британија доживеало „божиќно чудо“ откако нивната мачка се вратила дома по единаесет години.
Тоби првпат исчезнал во 2012 година, во одреден момент кога семејството се преселило осум километри од Гали Комон во нивниот сегашен дом во градот Нунејтон, пишува „Индепендент“ (The Independent).
Единаесет години подоцна, белиот 14-годишен Тоби се вратил кај сопствениците, откако една жена од областа го пронашла на околу 14 километри во Бедворт, а потоа го контактирала Здружението за заштита на мачки.
„Тоа е како божиќно чудо“, изјавила Џастин Алан за новинската агенција „ПА“ (PA). Пензионираната асистентка (52) рекла дека е „во шок“ и не може да поверува колку е неверојатно што Тоби се вратил и дека „воопшто не се променил“.
A family have become part of a “Christmas miracle” after their cat returned home to them after eleven years
✍: @Faizah_Malik_https://t.co/w8DJrF0YtG
— PA Media (@PA) November 28, 2023
Џастин вели дека мачката била посебна за нејзиниот најмлад син Чарли, кој сега има 23 години.
„Тој беше мачорот на Чарли. Сакаше мачка уште кога имаше осум години и го добивме Тоби од здружението за заштита на мачки кога наполни 12 години“, рекла таа и додала: „Мислам дека Чарли не спиел цела ноќ, тој е навистина во шок. Тој се грижеше за Тоби“.
Фактот дека Тоби имал микрочип одиграл клучна улога во неговото враќање дома. „Ја ажурирав адресата каде што живееме сега. Сакам да кажам колку е важно милениците да имаат микрочип. Никогаш порано не размислував за тоа, само знаев дека Тоби го има, но неверојатно е што поминаа 11 години и си размислувам на сите опасности со кои Тоби морал да се соочи секој ден“.
Вработените во „Кетс Протекшн“ (Cats Protection), кои ја спасиле мачката, ја прашале г-ѓа Алан дали е подготвена да го однесе Тоби дома со себе, бидејќи неодамна добиле ново куче – осуммесечниот Берни.
„Веднаш и двајцата рековме дека ќе го вратиме. Тоби е прекрасен и многу пријателски настроен. Се надевам дека Берни ќе се смири и ќе биде добар навреме за Божиќ“, изјавила Џастин.
Медисон Роџерс, шеф на одделот за кампањи и односи со владата во Кетс Протекшн“ изјавила: „Секогаш е прекрасно да се слушнат приказни како онаа на Тоби, каде што мачката и сопственикот повторно се споиле благодарение на нивниот микрочип после толку многу години“.