„Луфтханза“ ги прекинува летовите меѓу Франкфурт и Скопје
„Луфтханза“ ги прекинува летовите помеѓу Франкфурт и Скопјe, по повеќе од три години. Како што првично беше објавено, линијата требаше да биде суспендира на 1 јуни за еден месец и да продолжи на 1 јули, но компанијата сега целосно ги укина сите летови до крајот на летото, како и за следната зимска сезона, која започнува на 25 октомври. Таа сега нуди алтернативни линии до Скопјe преку Виена преку својата подружница „Аустриан ерлајнс“.
Препорачано
Германскиот превозник ја одржуваше оваа линија од седум до десет пати неделно, зависно од периодот на годината. Оваа зима ги скрати фреквенциите на три лета неделно.
Одлуката доаѓа во контекст на поширока стратегија на „Луфтханза груп“, која постепено ја редизајнира својата европска мрежа и ги концентрира операциите кај своите главни превозници. Овие промени веќе резултираат со повеќекратни корекции на распоредите и намалување на одредени линии во регионот.
„Луфтханза“ имаше турбулентен април, во кој беше погодена од индустриски штрајкови, затворање на нејзината подружница „СитиЛајн“ и последователно суспендирање на бројни рути. Оттогаш објави продолжување на летовите од Минхен до дестинации во регионот погодени од затворањето на „СитиЛајн“, но, оваа недела дополнително ги намали планираните фреквенции.
Инаку, линијата Франкфурт–Скопје беше воспоставена кон крајот на април 2023 година и во почетокот се сметаше за значаен нов капацитет на групацијата на балканскиот пазар. Сепак, уште во текот на изминатата зимска сезона беа забележани сериозни редукции, кога планираните десет неделни летови беа сведени на само три ротации во февруари и март. За воспоставување на рутата, компанијата користеше и владина поддршка, која истече до 30 декември 2025 година.


