Фото: Pexels/ Waldemar

Лоша среќа — освоила 14 милиони евра на лотарија, но добитното ливче по грешка ѝ го фрлиле во ѓубре

Добитничка на лотарија од 12 милиони фунти (13,9 милиони евра), на која добитното лото ливче по грешка ѝ го фрлиле, ќе мора да чека уште пет месеци за своите пари. Кет Мејн вели дека „постојано се мачи“ додека чека одлука од операторот „Алвин“ дали да ѝ ја додели наградата.

Се очекува да се одлучи во рок од 30 дена од истрагата дали џекпотот е нејзин. Но, дури и ако одлуката е позитивна, правилата за изгубено ливче значат дека 46-годишната мајка на две деца нема да ја добие својата награда која може да ѝ го промени животот, до 3 декември, непосредно пред Божиќ, пишува „Сан“.

– Бидејќи беше изгубено ливче, ни беше кажано дека не можеме да ги добиеме парите пред декември – рекла Кет.

Кет игра исти броеви 20 години и е убедена дека нејзиниот билет е победничкиот.

– Мора да биде моето лото ливче, нема друг начин – рекла таа.

Нејзините среќни броеви, 8, 10, 26, 30, 35 и 42, се поврзани со датуми и години што имаат посебно значење за неа и нејзиниот сопруг Маркус. Некои од броевите се базираат на нивните родендени и годините кога почнале да играат, додека два броја биле избрани случајно.

Мајката на две деца го однела своето ливче во продавница на „Лондис“ во Аберсинон, Јужен Велс, за да го проверат, само за да ѝ кажат дека не е добитно, па ѝ го фрлиле во ѓубре. Но, пред да сфати дека го освоила џекпотот, ѓубрето од продавницата веќе било однесено.

Таа го пријавила случајот кај операторот „Алвин“, вклучувајќи доказ за купување и видео од нејзината мајка како ѕвони на вратата од фризерски салон во близина на продавницата кога бил проверено ливчето.

Нејзиниот татко Филип Вилијамс, кој води кафуле во нивното поранешно рударско село, се пошегува за целата ситуација.

– Ќе морам да ја откажам нарачката за „ролс-ројс“ ако не ги добиеме парите. Искрено, тоа ништо не би променило. Сепак би дошол на работа. Не ми недостига ништо. Можеби само убав одмор – рекол тој.

Кет пораснала работејќи во кафулето на нејзините родители Филип и Фиона, „Фајвс“, кое станало главно место за собирање на заедницата. Десетици пензионери доаѓаат таму секој ден за да се дружат, да разговараат и да се запознаат. Наместо да ги задржат своите бакшиши, Фиона и Филип ги користат парите за да им помогнат на локалните добротворни организации.

Пет Метјуз, 78, пензиониран адвокат и редовен посетител во кафулето, рече дека семејството ја заслужува наградата.

– Тие се прекрасни, навистина добри луѓе и се навистина важни за нашата заедница. Тука доаѓаат постари луѓе и тие често ги возат дома или им наоѓаат превоз. Не можеше да им се случи на подобри луѓе. Повеќето се среќни за нив, но секогаш има и такви што се љубоморни – рекол тој.

Продавницата „Лондис“ моментално нема видеонадзор бидејќи е во процес на реновирање. Сопственикот Каран Кумар рече дека е можно машината за проверка на билети да имала проблем.

– Автоматот можеби бил неисправен. Тие истражуваат. Би било неверојатно ако таа е победникот – рекол тој.

Продажбата на ливчиња во продавницата е прекината додека истрагата продолжува, автоматот за лотарија е исклучен, а останатите ливчиња се повлечени.

„Алвин“ потврди дека процесот на верификација е во тек и нагласи дека тие се „единствената голема лотарија што им овозможува на играчите да ја побараат својата награда ако добитното ливче е изгубено, украдено или уништено“.

Конечната одлука за тоа дали џекпотот на Кет Мејн ѝ припаѓа нејзе се очекува да биде донесена во рок од 30 дена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот