Лиз Трас потрошила петнаесет илјади фунти на кетеринг на лет до Австралија додека била шефица на британската дипломатија

Лиз Трас/ Фото EPA-EFE/TOLGA AKMEN

Поранешната британска премиерка Лиз Трас потрошила повеќе од 15.000 фунти на кетеринг за време на нејзиниот лет за Австралија додека беше министерка за надворешни работи, пишува британски Индепендент.

Британските даночни обврзници платиле повеќе од 1.400 фунти по лице за 12 државни службеници на едно патување во Австралија.

Угостителството за летот до Австралија во јануари 2022 година чинел вкупно 15.639 фунти, од вкупните 454.626 фунти. Владата објави дека бројките ја вклучуваат и пошироката логистика за управување со приватен авион, како што е опремата за угостителство, храната и пијалоците.

„Лиз имаше многу одговорности како министерка за надворешни работи, но мора да биде јасно дека организирањето кетеринг за време на летовите во странство не е меѓу нив“, рече нејзиниот портпарол.

Угостителството за патувањето на Лиз Трас во Југоисточна Азија во ноември 2021 година изнесувало 12.742 фунти, 4,2 отсто од вкупните трошоци на летот од 300.545 фунти. За време на посетата на Индонезија во 2022 година, угостителството чинело 5.604 фунти, што е 431 фунти по лице и 1,5 отсто од вкупните трошоци од 369.000 фунти.

Пратеничката од Лабуристичката партија Емили Торнбери рече дека бројките ја покажуваат алчноста на конзервативните владини министри. Таа додаде дека политичарите „резервираат приватни авиони за себе, игнорирајќи го товарот на даночните обврзници и се рамнодушни кон кризата со трошоците за живот со која се соочува остатокот од земјата“.

Лиз Трас минатата година, исто така, негираше дека потрошила 12.000 фунти за користење на куќа на имот до кој имала пристап како министерка за надворешни работи. Трас стана премиерка откако го замени Борис Џонсон на функцијата поради партиските превирања меѓу конзервативците. Но, слична судбина ја снајде и неа, по што поднесе оставка по неполни два месеци, а ја наследи Риши Сунак.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот