Листа на 100 најголеми фирми во Македонија во 2019 година: „Џонсон Мети“ остварил приходи колку половина државен буџет

Џонсон мети, Фото: Архива

Првата петорка според остварениот приход во минатата година ја сочинуваат: „Џонсон мети“, „ОКТА“, „Макпетрол“, „Кромберг и Шуберт“ и „ЕВН Македонија“.

Листата „100 најголеми“ ексклузивно ја објави порталот „Пари“ во соработка со Бизнис-мрежа мк.

„Проектот 100 најголеми се реализира од 2019 во соработка со платформата за бонитетни информации Бизнис-мрежа мк. Најголемите компании во приватна сопственост во Македонија се рангирани на листата според нивните остварени вкупни приходи за фискалната 2019 година. Целта на проектот е да придонесе кон развој и јакнење на позитивната деловна клима низ промоција на позитивната деловна практика на најголемите и најпрофитабилните работодавачи“, пишува во образложението за публикацијата.

Британската компанија „Џонсон мети“, која во Македонија е присутна од 2010 година е убедливиот рекордер по остварен приход. „Џонсон мети“ во 2019 година реализирал вкупен приход од 1,9 милијарди евра. Колку за илустрација, тоа е повеќе од половина од целата државна каса на Македонија! Ланскиот приход на компанијата е за 8,6 проценти поголем од оној во 2018 година, кога исто така била позиционирана на првото место по приходи.

Инаку, „Џонсон мети“ е светски лидер во производство на катализатори за автомобилска индустрија и катализаторски системи за контрола на загадувањето. Според информациите од компанијата, една третина од сите нови возила во светот имаат вградено катализатори од „Џонсон мети“. Производителот има фабрики во повеќе од 30 земји во светот и вработува околу 12.000 луѓе, од кои во Македонија се околу 900 вработени.

И во 2019 година, како и во 2018 година, „ОКТА“ е на второто место по остварени приходи. Ланските приходи и оние од 2018 година се речиси идентични. Лани компанијата остварила 452 илјади евра приход.

„ОКТА“ веќе подолг период се занимава само со трговија со нафтени деривати, а ланскиот мај истече договорот направен со купопродажбата на рафинеријата, што ја обврзуваше Македонија да има посебна методологија за пресметка на цените на нафтените деривати од страна на Регулаторната комисија за енергетика.

Приходите на „Макпетрол“ лани биле 372 милиони евра или 4 проценти повеќе од оние во 2018 година, што на компанијата ѝ го донесе третото место по приход. Во 2018 година компанијата се наоѓала на четвртото место.

Германската компанија „Кромберг и Шуберт“ работи во Битола од 2013 година. Нејзиниот лански вкупен приход бил 248 милиони евра и тој бил поголем дури за 11,3 проценти во однос на приходот остварен во2018 година. Зголемениот приход ѝ обезбедил на компанијата скок од петто на четврто место на листата најголеми компании.

„Кромберг и Шуберт“ деновиве се најде на мета на критиките на јавноста во однос на тоа кои компании добиле по 14.500 денари помош за своите работници. Оваа компанија добила најголем износ – 1,2 милиони евра. Компанијата во Македонија има 5.800 вработени.

На крајот од првата петорка се наоѓа „ЕВН Македонија“. Но, оваа компанија лани имала драстично намалување на вкупните приходи од 34,4 проценти и затоа од прекланското трето место по остварен приход, паднала на петто место. Вкупниот приход на енергетската компанија минатата година бил 242 милиони евра.

Втората петорка на листата топ 10 компании се: „Ван хол“. „Македонски телеком“, „Еуроникел индустри“ „КАМ“ и „Електродистрибуција“ ДООЕЛ Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот