Ликовната изложба „Преиспитувања“ претставува визуелна антологија на универзалните човекови искуства
Центарот за креативни индустрии „Небо“ во Културниот центар „Суводол“ во Демир Хисар на 15 август, во 20 часот, ќе ја претстави изложбата „Преиспитувања“, на која ќе бидат изложени дела на уметниците Тони Попов и Никола Пијанманов.
Препорачано
Преиспитувањето, во својата суштина е чин на пауза и повторно разгледување – момент кога поединецот свесно се соочува со сопствените мисли и чувства за да дојде до подлабоко разбирање. Во контекст на уметноста и уметничката креација на преисптитувањето може да му се пристапи како на процес кој има двојна улога на внатрешен импулс и пренесено искуство.
Ликовната изложба „Преиспитувања“ претставува визуелна антологија на универзалните човекови искуства, во која уметниците Тони Попов и Никола Пијанманов преку својот сликарски јазик раскажуваат за универзалноста и кревкоста на човековите искуства и во своето сликарство го обработуваат мотивот на длабоките човечки искуства или психолошко-емотивни состојби.
– Главниот наратив на изложбата е приспитувањето, доловено од позиција на посматрач на надворешната појавност на психолошките состојби кај човекот (Пијанманов) и состојбите на лично преиспитување на себе си и потрагата по автентичното во комплексноста на сопствената мисла (Попов). Едниот се фокусира на автопортретот како инструмент за лична саморефлексија, додека другиот се занимава со теми кои опфаќаат универзални човекови искуства.
Двајцата уметници кои ја сочинуваат оваа изложба ја делат потребата да навлезат под површината на секојдневието – во темната, често нејасна и понекогаш застрашувачка, но, бескрајно значајна област – внатрешниот свет на индивидуата, притоа изразувајќи ги преку автентичен ликовен јазик спознајните состојби, кои не само што се гледаат, туку и се чувствуваат.
Тони Попов го користи автопортретот како поле каде што се пресликуваат не само неговите надворешни физиономски црти, туку и неговите внатрешни борби, сомнежи и преиспитувања на себе си. Експресивни по колорит и сликарски потег, неговите автопортрети се дијалог на уметникот со себе си и ја прикажуваат сложеноста на човековата психа укажувајќи на борбата помеѓу себе си и сопствените стравови, желби и неизвесности.
Од друга страна, Никола Пијанманов својот интерес го насочува кон универзалните човечки искуства како страв, болка, трагање по смислата. Преку боја, форма и композиција, неговите слики говорат за заедничката (колективна) човечка судбина и го повикуваат гледачот на преиспитување на сопствените искуства, каде преиспитувањето се претвора во колективен процес, спојувајќи го индивидуалното со општото.
Двајцата уметници ја користат ликовната уметност како средство за длабоко размислување, но нивните перспективи се различни: автопортретите на Попов нѐ вовлекуваат во интимниот свет на уметникот, додека делата на Пијанманов отвораат можност за согледување на нашите заеднички искуства – истакнуваат од Центарот за креативни индустрии „Небо“.


