Лидерите на земјите во развој предупредија на Генералното собрание на ОН: Престанете да ги акумулирате вакцините

Генерално собрание на ОН / Фото: Архива

Лидерите на земјите во развој предупредија на Генералното собрание на ОН дека акумулацијата на вакцини против Ковид -19 во богатите земји овозможува развој на нови варијанти на вирусот корона, како и дека инфекцијата повторно зема замав.

Филипините, Перу, Гана и многу други земји велат дека солидарноста не успеала, а генералниот секретар на ОН нерамномерната распределба на вакцините против Ковид-19 ја нарече „бесрамна“, објави Ројтерс.

„Богатите земји складираат вакцини, додека сиромашните земји ги добиваат по лажица“, рече претседателот на Филипините, Родриго Дутерте.

– Сега тие веќе зборуваат за дополнителна вакцинација, додека земјите во развој ги делат дозите на половина за да ја надминат ситуацијата. Ова е шокантно и мора да се нарече со вистинското име – себичност која не е ниту оправдана ниту морална, рече Дутерте.

Околу 35 проценти од луѓето во светот кои примиле барем една доза вакцина доаѓаат од земји со високи приходи, од кои 28 проценти се од Европа и Северна Америка.

Во меѓувреме, стапката на вакцинација во некои земји, како што се Хаити или ДР Конго, е помала од еден процент.

Африка е тешко погодена од т.н национализмот на вакцините, при што околу 900 милиони Африканци допрва ќе ја примат вакцината за континентот да достигне 70 проценти вакцинација.

Соединетите држави денеска ветија дополнителни 500 милиони дози вакцини за други земји, а Кина две милијарди дози вакцини за остатокот од светот до крајот на годината.

Курц: Само вакцина може да го победи коронавирусот

Австрискиот канцелар Себастијан Курц истакна денеска на Самитот на ОН за пандемијата на коронавирус, дека вакцината е единствениот начин да се победи вирусот.

„Можеме да зборуваме за победа само кога целиот свет ќе ги добие потребните вакцини“, рече тој.

Тој ја изрази подготвеноста на Австрија да учествува во акцијата за помош насекаде во светот каде што е потребна.

Курц посочи дека Австрија веќе дава активен придонес преку иницијативата Ковач на СЗО, но и како членка на ЕУ, како и билатерално.

„Дониравме повеќе од два милиони дози вакцини за земјите на кои им се потребни. Покрај тоа, дадовме значаен придонес за снабдувањето на земјите од Западен Балкан преку механизмот на ЕУ“, објасни тој.

Тој додаде дека Австрија ќе стори сé за да ја зголеми стапката на вакцинација во таа земја, како и да ги сподели вакцините со другите региони.

Тој, исто така, изрази подготвеност за пренос на знаење и експертиза, пред се во тестирањето, бидејќи Австрија воспостави широка инфраструктура за тестирање, која има капацитет од два милиони тестови неделно.

Во својот говор, Курц апелираше за меѓународна соработка.

„Ограничувањата во трговијата и патувањата мора да се укинат што е можно поскоро, со цел да се осигура дека економскиот раст ќе се почувствува во сите региони во светот. Само заедно сме посилни и побрзи “, нагласи австрискиот канцелар Курц.

Извор: Ројтерс

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот