Левица: Новиот Закон за рударство ја претвора Македонија во рударска колонија
Пратеничката група на Левица предупреди дека новиот Закон за рударство, кој го предлага власта, претставува директна закана за животите и правата на македонските граѓани.
Препорачано
Во соопштението се наведува дека законот под изговор на „усогласување со европските директиви“ и „развој на рударството“ предвидува пустошење на природата и потенцијална иселба на граѓаните ако под нивните домови се откријат минерални суровини, за да се овозможи отворање на рудници.
„Ова претставува невидено понижување и потценување на сопствениот народ! Наместо да се заштитат граѓаните, нивните домови и нивното здравје, државата се става во служба на профитот на странските корпорации. Македонија се претвора во рударска колонија, каде интересите на народот се подредуваат на интересите на големите мултинационални компании“, се вели во соопштението.
Левица додава дека законот е кроен исклучиво во интерес на корпорациите и ги легализира штетните и опасни рударски проекти наместо да става крај на нивното ширење. Партијата повикува законодавците да не го изгласаат законот, истакнувајќи дека неговото усвојување би имало сериозни последици за граѓаните и животната средина.


