Левица и ВМРО-ДПМНЕ договараат нов референдум против Договорот со Бугарија

Мицкоски Апасиев
Мицкоски и Апасиев / Фото: Колаж на „Слободен печат“

ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи иницијативата на Левица ако таа е граѓанска и ако е против Договорот со Бугарија, потврди претседателот на партијата Христијан Мицкоски. Доколку Џафери и неа ја отфрли, Собранието ќе се соочи со целосна блокада, најави опозицијата.

Опозицијата не се откажува од намерата со референдум да го поништи Договорот со Бугарија. Откако пропадна првиот обид на ВМРО-ДПМНЕ, спикерот Талат Џафери ја отфрли иницијативата откако оценил дека е неуставна – сега Левица најави дека таа ќе се обиде со ново референдумско прашање. Иднава недела барањето ќе се најде пред претседателот на Собранието.

ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи иницијативата на Левица, ако таа е граѓанска и ако е против Договорот со Бугарија, потврди претседателот на партијата Христијан Мицкоски. Доколку Џафери и неа ја отфрли, Собранието ќе се соочи со целосна блокада, најави опозицијата.

– Ќе ја поддржиме секоја иницијатива што е во насока на тоа што ние го бараме, без разлика од која група граѓани доаѓа, дали таа група е политичка партија или не. Ако темата се однесува на тоа да делуваме директно кон изворот на сите овие проблеми, не гледам причина да не ја поддржиме – објасни Мицкоски.

Левица допрва ќе одлучи како ќе гласи референдумското прашање, но извесно е дека неговата формулација ќе биде таква за да сугерира одговор – „против“. Против Договорот со Бугарија, против францускиот предлог или комбинирано.

Ако Џафери ја отфрли и оваа иницијатива, пратеникот на Левица Борислав Крмов се закани дека, заедно со ВМРО-ДПМНЕ, целосно ќе го блокираат Собранието.

Мицкоски вели дека „ако се влезе во вителот на иницијативи што ќе бидат отфрлани, тогаш сме ја испуштиле суштината“.

– Суштината е како да го спречиме овој асимилаторски договор да нанесе штета на идентитетот на македонскиот народ. Вратата со која се отвора можноста да се направи асимилацијата на македонскиот народ е промената на Уставот. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволат никаква промена, ниту сега кога сме опозиција ниту кога ќе формираме влада. Следната влада на ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да седне на маса со владата во Софија и повторно да ги преговара овие околности што ние цениме дека се асимилаторски и се кочница на патот на Македонија кон ЕУ и да постигнеме еден вистински добрососедски договор – рече Мицкоски.

По одбивањето на иницијативата за референдум, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ почна со нова тактика во веќе почнатата активната блокада на Собранието. Во комисијата за избор на уставните судии, на пример, почнаа да се водат рекордни, маратонски дискусии. Пратеничката Бети Стаменкоска Трајковска десет часа зборуваше зошто републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески не треба да биде нов уставен судија. Според листата на пријавени пратеници, за новите уставни судии да дојдат на пленарна седница, ќе поминат најмалку уште 20 дена, под услов Комисијата да заседава секој ден и на седницата да говори само по еден пратеник.

Од опозициската партија велат дека со долги дискусии, но и со други тактики ќе ги блокираат сите собраниски комисии за да не може законите да стасаат на пленарни седници. На пленарките, пак, опозицијата ќе продолжи со блокадите преку процедурални јавувања, реплики, со поместување на точките на дневниот ред, со одбивање да прават кворум за почеток на седниците…

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, по најавата за нова иницијатива за референдум, оцени дека негов личен став е дека Левица не е македонска партија, туку партија во функција на руската пропаганда, за да го сврти македонскиот народ против ЕУ и САД.

– Мислам дека на државата нема да ѝ направат многу штета затоа што има поширок консензус за правците по кои таа се движи. Но, на народот што го претставуваат може да му направат многу штета обидувајќи се да го свртат против вредностите што ние ги споделуваме. Не треба да паднеме на таа пропаганда што делумно е стимулирана и финансирана од странство и има многу лоши и зли намери, прво кон сопствениот народ, а потоа кон другите граѓани и кон државата – вели Османи.

Тој додаде дека е легитимно партиите да ги користат овие незадоволства и фрустрации на граѓаните за политички цели, но нагласи дека мора да има одредени граници и тоа не смее да биде на сметка на иднината на државата, ниту на сметка на иднината на граѓаните. Според шефот на дипломатијата, за Договорот со Бугарија ниту може ниту смее да има референдум.

– Тој е еден трите столба на евроатлантска Република Северна Македонија, заедно со Преспанскиот и со Охридскиот договор, а еднонационални референдуми за стратегиски прашања на државата се опасен преседан и тие не смеат да се случат – изјави Османи.

Според него, сепак, опозицијата со иницијативата за референдум против договорот со Бугарија му направила услуга на процесот за уставни измени затоа што, како што истакна, ја раздвоила дебатата за уставните измени и Договорот со Бугарија, бидејќи едното и другото не се поврзани. Да потсетиме, уставните измени се за внесувањето на Бугарите во Преамбулата, за да продолжат преговорите за членство на Македонија во Европската Унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот