Левандовски ја напушта Барса, на негово место доаѓа Камерунец
Роберт Левандовски дефинитивно ја игра својата последна сезона во дресот на Барселона.
Препорачано
Според информациите на доверливиот новинар Алфредо Мартинез, ставот на каталонскиот клуб останува непроменет – Полјакот нема да добие понуда за нов договор.
Левандовски има 37 години и веќе тешко го издржува интензитетот што го бара тренерот Ханси Флик, поради што оваа сезона неговата минутажа е значително намалена.
Она што е особено интересно е дека Мартинез откри дека замената за Левандовски нема да биде звучно име како Ерлинг Халанд или Хулијан Алварез, туку младиот камерунски напаѓач Ета Ејонг.
Ејонг летово премина од Виљареал во Леванте за само 3 милиони евра, но експлодираше со пет голови и три асистенции на осум натпревари во Ла Лига. Тој беше на радарот на Барселона уште летово, но клубот не реагираше навреме.
Клаузулата во неговиот договор со Леванте изнесува 30 милиони евра – десетпати повеќе од сумата што Леванте ја плати пред само неколку месеци. Ејонг има само 21 година, а во Шпанија пристигна како тинејџер во академијата на Кадиз, од каде што премина во Виљареал.
Роберт Левандовски, пак, пристигна во Барселона во летото 2022 година за 45 милиони евра и целосно ја оправда инвестицијата – постигна 105 голови и 20 асистенции на 156 натпревари, освојувајќи две титули во Ла Лига, два Суперкупа на Шпанија и Куп на кралот.
Со неговото заминување, се затвора едно од најсјајните поглавја во поновата историја на Барселона.


