Фото: „Слободен печат“

Летото е предизвик и за угостителите и за малите бизниси: Скарите веќе одамна не се палат во недела – колективните одмори го покриваат недостигот од кадар

Некои дуќани соопштуваат дека ќе работат само во прва смена, што значи дека ако сакате да завршите некоја работа или да добиете некаква друга услуга, тоа ќе мора да го сторите наутро, во спротивно „ќе бакнете врата“

Старата поговорка дека „во дуќанот што работи не се фаќа пајажина“, веќе не важи, а последниве години, угостителите и малите бизниси со колективните одмори го покриваат недостигот од кадар. Годишниот одмор стана предизвик за претприемачите, особено за малите бизниси и за занаетчиите, кои не можат да обезбедат повеќе од смена, па затоа се принудени да ставаат клуч на врата во летниот период. Градот се празни особено од средината на јули до почетокот на август, нема движење, а прометот паѓа, посочуваат дел од оние што работат во услужните дејности за „Слободен печат“, па затоа лепат известување дека се затворени поради колективен годишен одмор. Некои дуќани соопштуваат дека ќе работат само во прва смена, што значи дека ако сакате да завршите некоја работа или да добиете некаква друга услуга, тоа ќе мора да го сторите наутро, во спротивно „ќе бакнете врата“.

– Причините е недостиг на работна сила. Во моментов дуќанов го опслужуваме само јас и колегата, кој замина на одмор. Нема шанси за двократно работно време, бидејќи и онака во попладневните часови муштериите се бројат на едната рака – вели еден скопски месар.

Ваквиот тренд сè повеќе го зафаќа и угостителскиот сектор, но не помалку е изразен и кај оние во кои сопственикот е исто така единствениот вработен, па затоа нема со кого да се смени. И ако некогаш беше срамота да се стави клуч на вратата на некоја кафеана, сега тоа е сосема нормална работа. Трендот на затворени кафеани почна со неработењето во недела, па така освен оние во центарот на Скопје и во главните излетнички дестинации, скарите не чурат во седмиот ден.

– Веќе две години не работиме во недела, а во сабота само до 17 часот. Немаме кадар, особено скараџија, па моравме да ја избереме оваа опција – велат во еден скопска кафеана.

Ваквиот тренд ги става на пауза дел од услугите што им требаат на граѓаните, бидејќи колективно одмораат не само угостителите, туку и некои лекари, фризери, слаткарници, разни дуќани и занаетчии. И ако до лани, од 2 август, многу мали бизниси и занаетчии, лепеа известувања дека затвораат поради користење колективен годишен одмор до средината на август, од годинава сезоната почна уште од 15 јули. Слична е ситуацијата и на зелените пазари, на кои во летните месеци не работат дури 50 отсто од тезгите, кои зјаат празни иако за нив се плаќа паушал.

– Едвај туркаме поради пеколните жештини. Работиме со фенови и хауби, климатизерите не може да постигнат, па не ни е пријатно ни нам, а ни на муштериите – велат во една скопска фризерница.

– Надвор е 40, а овде е 100 степени. Прометот е намален, а печките горат – одговараат во една пекарница во Аеродром, која продава и скара на кило.

Одењето на колективни годишни одмори, најмногу го планираат малите претприемачи каде што може да се запре производството без негативни последици. Малите бизнисмени тврдат дека ваквата практика покажала позитивни ефекти врз ефикасноста на деловното работење и им ги намалува трошоците. Во последните години сè почеста е практиката да се комбинираат празниците со годишен одмор, што кај нас е најчесто околу илинденските празници.

Според последното истражување на Евростат, засновано на Ландгејст, повеќе од половина од Македонците, односно 55,3 отсто не можат да си дозволат годишен одмор во траење од седум дена во странство, што е пад од 15 проценти во однос на 2013 година (70,7 проценти).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот