Ленче Ристока/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Ленче Ристоска бара извинување од ВМРО-ДПМНЕ и најавува тужба за партијата чиј имот е во нејзини раце

Обвинителката Ленче Ристоска која ги води предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ кои уште не се застарени, а како резултат на едната кривична постапка имотот на ВМРО-ДПМНЕ е замрзнат веќе осум години, бара јавно извинување од партијата и најавува тужба за клевета против ако не се извини или ги докаже тврдењата кои преминуваат во лични навреди кон обвинителката во чии раце е имотот на партијата.

Ристоска во статус објавен на Фејсбук профил реагира на соопштението на партијата со наслов „Ристоска – тажен симбол за неправда со државни бонуси и службена картица во служба на Заев и Груби“ кое вели дека го доживува како притисок и заплашување од „лице за кое се води кривична постапка, врз јавен обвинител“.

Јас како обвинител постапувам по два предмети со кои е засегната политичката партија ВМРО ДПМНЕ – еден каде политичката партија е обвинета за кривично дело перење пари и друг каде има својство на лице врз кое е пренесена имотна корист за која има обвинение дека е прибавена со кривично дело. Моментално и двете постапки се во фаза на судење, а со судска одлука замрзнати се партиското седиште и други 68 недвижности кои се опфатени со постапките. Оттука, соопштението на политичката партија ВМРО ДПМНЕ, која во моментот е и носител и на извршната и законодавната власт, не е само критика на мојата работа како обвинител, туку со оглед дека се споменува „крај“ и „време на вистинска правда“, ова соопштение, испраќа намерна порака за заплашување и влијание врз мојата работа како јавен обвинител. Впрочем ова соопштение е само уште еден од низата напади на кои сум изложена изминатиот период – пишува Ристоска.

Како навредливи и невистинити таа ги квалификува тврдењата што стојат во соопштението дека нејзиното професионално делување е инструирано од политички чинители и криминални структури, дека сама си исплаќала бонуси и награди, користела службени картички и дека го симболизирала моралниот пад на Обвинителството.

-Барам политичката партија јавно да се извини во рок од седум дена од ова соопштение или да ги докаже своите тврдења. Во спротивно, ќе поведам постапка за граѓанска одговорност за клевета и навреда против правното лице кое го објавило текстот. Сакам да укажам дека како обвинител јас имам не само право туку и обврска јавно да зборувам за прашања со кои се задира во независноста на обвинителството, се загрозува владеењето на правото и принципот на поделба на власта и се атакува на мојот професионален интегритет. Мојата работа како јавен обвинител е борба со криминалот и таа секогаш се базира на заштита на јавниот интерес, без оглед кој сѐ се јавува како сторител на кривични дела – дополнува Ристоска.

Почетокот на соопштението на партијата објавено на веб-страницата, почнува со зборовите „Каков крај! Отсуството на срам е одлика на ваквите луѓе“, а обвинителката била испостава на СДСМ и ДУИ.

– Сега, истата таа Ленче која го симболизира моралниот пад на обвинителството, како и на времињата во кои со судбината на народот царуваа Заев и Груби, собра храброст да зборува – замислете – „клеветнички кампањи“ и „анимозитет“. Наместо да се преправа дека е жртва, подобро би било конечно да им објасни на граѓаните колку точно бонуси и награди си исплатила во времето кога Македонија се гушеше во неправда, а тие делеле правда со партиски аршин. Периодот на „правда со дневница“ заврши. Денес е времето на вистинска правда, без бонуси, без партиски заштити и без селективност – стои во дел од соопштението.

Партиската реакција беше објавена откако судот донесе одлука партискиот имот на ВМРО-ДПМНЕ да остане замрзнат, а по предлог на Ристоска тој може да се издава под закуп, но парите да стојат на друга сметка. Пред рочиштето Ристоска изјави дека не смета дека е случајна клеветничката кампања против неа, ако се гледа во контекст поништувањето на листата од Стразбур, на која таа беше еден од тројцата кандидати, тврдењата на премиерот Христијан Мицкоски дека како претставник за врски во „Еуроџаст“ зема неколку пати поголема плата.

Ристоска толкува дека сето тоа заедно во контекст не е случајно, но за тоа дали Мицкоски има анимозитет кон неа, упати на одговор од него.

– Можам да кажам дека ваквите тврдења кои се изнесуваат за мене од премиерот, доведени во корелација со тоа што листата не е пратена до Стразбур, доколку се земе предвид дека и одредени провладини медиуми шират клевети и невистини за мене во јавноста, сето тоа во одреден контекст не сметам дека е случајно. Но, дали постои одреден анимозитет, тоа треба да го прашате премиерот и претседател на ВМРО – ДПМНЕ, бидејќи еве сега сме тука и за предметите што ги застапувам за ВМРО-ДПМНЕ. За имотот се водат две судски постапки, тој е замрзнат, судските постапки се во тек, конкретно ова судење почнува од почеток поради измените на Кривичниот законик. Се надевам до крајот на 2026 година ќе успееме да добиеме пресуда пред да ни застари делото – рече Ристоска.

Европа бара, но Мицкоски не дава да им се зголемат платите на судиите и на обвинителите

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот