Леброн урна рекорд на Карим Абдул-Џабар стар 37 години
Леброн Џејмс повторно испиша историја во НБА лигата, поставувајќи уште еден импресивен рекорд. Откако во 2023 година го надмина легендарниот Карим Абдул-Џабар и стана најдобар стрелец во историјата на лигата, сега го престигна и по бројот на погодени шутеви од игра.
Препорачано
Џејмс стигна до бројката од 15.838 погодени шутеви, со што го надмина долгогодишниот рекорд на Абдул-Џабар, кој во текот на својата дваесетгодишна кариера постигна 15.837 кошеви од игра.
До новото достигнување Џејмс дојде во првата четвртина од натпреварот против Денвер, кога реализираше тежок шут од свртување со оттурнување наназад.
Рекордот на Абдул-Џабар траеше 37 години, а многумина веруваа дека никогаш нема да биде срушен. Сепак, Џејмс претходно го престигна и по други статистички категории, како што се вкупниот број одиграни минути, обидите за шут од игра, како и вкупниот број постигнати поени, каде што има над 43.000 поени во кариерата.
Во текот на својата 23-годишна кариера, Џејмс има низа импресивни достигнувања. Дури 22 пати беше избран на Ол-стар натпреварот, 21 пат во најдобрата петорка на НБА, шест пати во најдобрата дефанзивна петорка, беше најдобар стрелец во сезоната 2008, а има освоено и четири шампионски титули.
И покрај годините, Џејмс и натаму игра на високо ниво за Лос Анџелес Лејкерс. Оваа сезона во просек бележи 21,6 поени, 7 асистенции и 5,6 скокови по натпревар, потврдувајќи дека и понатаму е еден од најдоминантните кошаркари во лигата.


