ЛАЗО ТИ СИ АВАНГАРДА: Легендите му се „поклонија“на Лечиќ

Лазар Лечиќ, творецот на современата македонската кошарка ги собра сите легенди од поранешната држава, СФР Југославија, на прославата на неговиот 80. роденден и 60 години активна работа во кошарката.
Повеќе од 40-тина легенди дојдоа во Скопје да се дружат со Лазар Лечиќ и да му оддадат чест на популарниот „Грк“, притоа потсетувајќи се каква тренерска величина беше.

– Неговата величина најдобро се гледа, што денеска, сите кои се живи дојдоа, да му оддадат чест на Лазо. Јас научив многу од него, тој низ целата кариера победуваше водејќи послаби екипи. Лазо, ти беше авангарда во тренерската професија. Измисли многу работи, имаше новини во контранападите, пресингот по цел терен, односот кон судиите. Ти си авангарда и по бројот на играчи, си играл и со четворица, но и со шестмина. Од сите нас, ти прв почна да се занимаваш со разубавување на кошаркарите, па дури и на полувреме ги тераше да ги бричат брковите за да ја добиеш средбата. Ако некогаш умреш, ве молам погребајте го на некое брдо од каде што и понатаму ќе може да ги гледа средбите на пионерите, младинците, сениорите. Неговиот гроб да би биде светилиште, да одите таму како кај кошаркарски светец. Но, повторувам, сето ова е само ако некогаш умреш – рече Божидар Маљковиќ, легендарниот тренер кој беше европски шампион со Југопластика, Лимож, Панатинаикос и Реал Мадрид.

На академијата во негова чест дојдоа, славни кошаркарски имиња како, Иво Данеу, Мирко Новосел, Божидар Маљковиќ, Душан Инковиќ, Богдан Тањевиќ, Рато Тврдиќ, Никола Плеќаш, Дино Раѓа, Драган Кичановиќ, Дамир Шолман, Слободан Суботиќ, Жељко Јерков, членовите на кошаркарската репрезентација на СФР Југославија од 1970 година, како и Благоја Георгиевски-Буштур.

– Лазо е феномен каков што само еднаш се раѓа. Не престануваше да зборува за кошарката. Кога беше во Олимпија нѐ држеше до два часот по полноќ зборувајќи ни работи за овој спорт, а ние сите едвај чекавме да си заминеме за да легнеме да спиеме. Беше неуморен, ја живееше кошарката – се потсетува Данеу.
Меѓу пристутните беше и легендарниот грчки кошаркар Панајотис Јаникис, кој го смета Лечиќ за свој кошаркарски татко.

– Голема благодарност до организаторите кои ме поканија да бидам дел од овој спектакл. Лазар Лечиќ е еден од моите најдобри пријатели во светот на кошарката. Тој секогаш беше поразличен од сите други, импресионираше со карактерот, кошаркарското знаење, но и со смислата за хумор. Ми беше чест што имав можност да соработувам со него – рече Јанакис.

Лечиќ за својата 60-годишна работа во кошарката доби благодарница претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Васил Тупурковски, како и од претседателот на Српскиот олимписки комитет, Божидар Маљковиќ.

– Фала ви на сите за укажаната чест, од МКФ, МОК, клубовите МЗТ Скопје и Работнички, до сите вас кои дојдовте да бидете дел од оваа церемонија.  Академијата е одлична, но ова дека се 80 години некако многу ми тежи. Среќен сум што овдека се споивме од Словенија до Грција. Ви благодарам од срце- им порача Лечиќ, на сите великани, кошаркарски работници, пријатели на легендатниот „Грк“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот