Лавров: Русија е еден од гарантите на Дејтонскиот договор и ги почитува Дејтонските принципи на внатрешната организација на БиХ.

epa08884383 Russian Foreign Minister Sergei Lavrov (L) attend a press conference with Chairman of Bosnian Presidency Milorad Dodik (R) in East Sarajevo, Bosnia and Herzegovina, 14 December 2020. Lavrov arrived for a two-day working visit to Bosnia and Herzegovina. EPA-EFE/FEHIM DEMIR

Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик и раководството на Република Српска вечерва го пречекаа министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров.

Како што јавува Срна, Додик на министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров му подари позлатена икона стара 300 години која е пронајдена во Луганск.

За време на официјалната посета на БиХ шефот на руската дипломатија на прес-конференција по средбата со претставниците на Република Српска порача дека секој обид за кршење на Дејтонскиот договор ќе биде ризичен и може да предизвика најсериозни последици.

„Дејтонскиот договор создаде кревка рамнотежа, секој елемент во овој систем е многу важен и без само една компонента, целиот систем може да биде загрозен и може да претставува закана за целокупната стабилност“, рече Лавров.

Тој додаде и дека Дејтонскиот договор е фундаментална основа за функционирање на БиХ и треба да се почитува еднаквоста на нејзините два ентитета и трите конститутивни народи.

„Русија е еден од гарантите на Дејтонскиот договор и ги почитува Дејтонските принципи на внатрешната организација на БиХ. Ги повикуваме сите да ги почитуваат тие фундаментални принципи, и внатрешните и надворешните фактори“, истакна рускиот министер за надворешни работи.

Лавров смета дека сите проблеми во БиХ треба да се решат со компромис, дијалог, без мешање на странски фактори во внатрешните работи на БиХ.

Додик рече дека РС нема да го поддржи воведувањето санкции кон Русија, ниту дека ќе прифати влез на БиХ во НАТО.

„Подготвени сме за соработка со НАТО, но не и за каква било интеграција во НАТО, бидејќи не гледаме ништо добро во тоа“, рече српскиот член на Претседателството на БиХ.

Тој изјави дека по примерот на Србија и РС е посветена на воена неутралност. Тој исто така рече дека во БиХ имало „некаков договор“ во врска со европската интеграција, проценувајќи дека, всушност, Европската комисија, со своите 14 услови поставени пред БиХ, ги спречува тие интеракции.

Лавров се сретна и со заменик-претседателот на Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ Драган Човиќ. Тие се осврнаа на темите за актуелната политичка состојба во БиХ, европската интеграција на БиХ и 25-годишнината од Дејтонскиот мировен договор.

Од кабинетот на Човиќ соопштија и дека Лавров бил заинтересиран и за економската соработка и билатералните односи, како и за ситуацијата во врска со коронавирусната епидемија.

Како што се наведува во соопштението, Човиќ посочил дека хрватскиот народ и нивните легитимни претставници се целосно посветени на иднината на БиХ во Европската унија и НАТО и дека работата за изградба на европска БиХ нема алтернатива.

Човиќ и Лавров ја истакнаа меѓусебната посветеност на зачувување на мирот и стабилноста во БиХ. Тие се согласија дека заштитата на уставниот поредок ќе придонесе за долгорочно стабилизирање на внатрешните услови и обезбедување на социо-економски и напредок во интеграцијата.

Човиќ исто така изрази задоволство од меѓународната солидарност и благодарност за помошта што Руската Федерација и ја пружи на БиХ во борбата против коронавирусот.

Според најавите, Лавров утре во Сараево ќе разговара со сите тројца членови на Претседателството на БиХ, министерот за надворешни работи Бисер Турковиќ, лидерот на ХДЗ БиХ, Драган Човиќ, а потоа ќе престојува во официјална посета на Белград.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот