Латвија забрани книги, весници и видеоигри од Русија и Белорусија
Парламентот на Латвија усвои законски измени со кои се забранува увозот на голем број производи за широка потрошувачка од Русија и Белорусија кои досега не биле предмет на санкции од ЕУ. Целта на мерката е дополнително да се прекинат економските врски со Москва и да се потисне пропагандата на Кремљ, пишува Еуроњуз.
Препорачано
Амандманите на латвискиот Закон за поддршка на цивилното население на Украина наведуваат дека „увозот на одредени индустриски производи во Република Латвија од Руската Федерација и Република Белорусија е забранет“ со цел „да се обезбеди безбедноста на латвиското општество и да се обезбеди општа поддршка на украинското општество“.
Новиот закон забранува увоз на производи од руско и белоруско потекло кои досега не биле опфатени со царини, санкции или други трговски ограничувања на ЕУ. Со ова, Латвија се чини дека стана една од првите членки на Унијата што воведе национална забрана за толку широк спектар на стоки надвор од заедничкиот режим на санкции. Ограничувањата важат и за производи увезени преку трети земји.
Забраната беше изгласана истиот ден кога ЕУ се согласи за нов пакет санкции, а таа ги опфаќа производите за кои пратениците веруваат дека можат да се користат за ширење пропаганда. Листата вклучува книги, весници и видео игри, како и спортска опрема, играчки, облека и обувки.
„Овие промени се најновата алатка за систематско намалување на економските врски со Русија и Белорусија, а во исто време ја одржуваме нашата непоколеблива поддршка за Украина во нејзината борба за слобода и независност“, рече Рајмондс Бергманис, претседател на Комитетот за одбрана, внатрешни работи и спречување на корупција, кој ја водеше постапката во парламентот.
Вредноста на увозот на опфатени стоки од Русија и Белорусија во 2025 година изнесуваше 12,5 милиони евра. Тој износ претставува 6,5 проценти од преостанатиот увоз од тие две земји, или 0,05 проценти од вкупниот латвиски увоз.
Целта е целосно исклучување
Предлог-законот го подготви латвиското Министерство за надворешни работи, а парламентот го усвои по итна постапка. Тој е дел од поширокиот напор на владата целосно да ги прекине преостанатите трговски врски со Русија.
„Латвија веќе значително ги намали економските врски со Русија, но нашата цел мора да биде политика на целосно отфрлање на стоките од државата агресор“ изјави во мај министерот за економија Викторс Валаинис. По состанокот на кој Валаинис го кажа ова, Министерството за надворешни работи беше задолжено да подготви законски измени.
Конечниот список на забранети производи ќе го утврди Владата. Законот стапува на сила еден ден по неговото објавување, а ограничувањата за увоз треба да останат на сила до 1 јули 2027 година. Министерот за надворешни работи Баиба Браже постојано истакнуваше дека Латвија треба да ги прекине сите преостанати економски врски со Русија до крајот на 2026 година и ги повика другите членки на ЕУ да го следат примерот.
Кина возврати на санкциите на Брисел — на удар се 14 европски компании


