Лани десетина, годинава не е откриен ниту еден опасен производ на пазарот
Лани како опасни биле повлечени десетина разни производи, меѓу кои и гуми за мотоцикли, детски дуксери, новогодишни светилки, електричен бокал за вода, безжични правосмукалки, детски тренерки, ЛЕД-светилки, новогодишни украси, блендери, рачни електрични дупчалки, детски играчки, косилки за трева, заштитни кациги и шлемови, па дури и електрични пили. Најголемиот дел биле со потекло од Кина, Турција, Романија, Германија, па дури и од САД
Годинава на македонскиот пазар не е откриен ниту еден опасен производ, покажуваат податоците на Државниот пазарен инспекторат. Тоа може да значи дека сè што се продава кај нас е безбедно за употреба или инспекторите не успеале да ги откријат наводните недостатоци кај контролираните производи. Потрошувачите алармираат и дека се потребни сериозни анализи за потенцијалната токсичност и содржината на хемикалиите.
Препорачано
Инаку, лани како опасни биле повлечени десетина разни производи, меѓу кои и гуми за мотоцикли, детски дуксери, новогодишни светилки, електричен бокал за вода, безжични правосмукалки, детски тренерки, ЛЕД-светилки, новогодишни украси, блендери, рачни електрични дупчалки, детски играчки, косилки за трева, заштитни кациги и шлемови, па дури и електрични пили. Најголемиот дел биле со потекло од Кина, Турција, Романија, Германија, па дури и од САД.
Сите се повлечени од пазарот, поради разни причини – како што е можноста од предизвикување пожар, кинење, давење, опасност од сечење или затоа што немале ЦЕ ознака, детализираат од ДПИ. Постапката за повлекување на производот вклучува негово итно отстранување од продавниците, проследено со јавно известување преку официјални канали, како што е веб-страницата на ДПИ. Купувачите се информирани за повлекувањето и се поканети да го вратат производот во најблиската продавница, со можност за целосно враќање на парите, без оглед на тоа дали имаат фискална сметка.
Граѓаните се загрижени за безбедноста на производите и дали е контролирана целата стока што се пласира на пазарот и за која се плаќаат високи суми. Од Државниот пазарен инспекторат, се децидни дека сите опасни производи се повлечени од македонскиот пазар, а се нотирани и на веб-страницата на ЦЕФТА.
– Според Законот за општа безбедност на производи, од 14 до 20 јули се извршени 6 надзори, но не се издадени прекршочни платни налози – додаваат од ДПИ.
Според најновиот извештај од Европската комисија, Системот за брзо предупредување (РАСФФ) лани забележал рекорден прилив на поплаки од граѓаните за производи што не се храна. Како најпроблематична се издвојува козметиката (36 отсто), разните некласифицирани производи (24 отсто), детските играчки (15 отсто), електричните уреди (10 отсто), моторните возила (9 отсто).
За потсетување, неодамна девет здруженија за заштита на потрошувачите од девет различни европски земји се здружија за да спроведат масовно тестирање на производи за широка потрошувачка од различни производители и трговци на мало.
Оваа масивна европска анализа имаше за цел да истражи до кој степен европските потрошувачи се изложени на пер- и полифлуорирани хемикалии, голема група чие производство започна во 50-тите години од минатиот век, кои со текот на времето се акумулираат во човечкото и животинското тело и се поврзани со здравствени проблеми какви што се зголемена подложност на инфекции, зголемено ниво на холестерол, помала родилна тежина кај бремени жени и слично. Патем, хемикалиите ПФАС се поврзани со разни здравствени проблеми.
Категориите производи што нормално се поврзуваат со појавата на ПФАС паднаа на големиот тест: тоа се главно производи што се водоотпорни или отпорни на маснотии, а спорни беа и производи за лична хигиена како што се шампон или забен конец, кесички за пуканки за микробранова печка, разни обвивки, пластифицирани чаршафи, спрејови за импрегнација и калапи за колачиња. Особено проблематично е што опасни хемикалии беа пронајдени во една четвртина од калапите, вклучувајќи го и „Д-р Еткер“, а една третина од тестираните кесички за пуканки за микробранова печка од различни брендови како што се „Пата“, „Попз“, „Џамбо“ и други ја имаа „вечната“ хемикалија во нив.
Годинава од српскиот пазар повлечени дури 70 опасни производи
За разлика од кај нас, годинава од српскиот пазар биле повлечени повеќе од 70 неисправни производи, а организациите на потрошувачи предупредуваат дека нема сигурни податоци за тоа дали некој производ, кој бил повлечен од пазарот од која било причина, бил уништен, и ако не, што се случило со него, пишува Бизнис и финансии.
Некои од овие производи се капи за момчиња за кои е утврдено дека имаат мали делови што можат да се одвојат, предизвикувајќи опасност од задушување, балони што ја надминуваат дозволената содржина на канцерогено хемиско соединение во материјалот, автомобили што се фабрички инсталирани со неисправни млазници за ладење на маслото, што може да доведе до оштетување на моторот и пожари. „Пепко“ повлече шест различни производи – од балони што светат во темнина, до детски играчки во облик на печат, до шилци за девојчиња и капи за момчиња. Сите беа повлечени врз основа на процената на ризикот што оваа компанија ја прави во согласност со прописите на Европската Унија.


