Локални избори низ годините / Фото: EPA / Georgi Licovski

Лакмус за политичката моќ и најави на промените – Што ги карактеризираше досегашните локални избори

Карактеристично за речиси сите локални избори е тоа што многу често биле предвесници на политичките промени, како во реалниот живот, така и во Собранието.

Локални избори во независна Македонија се одржуваат од 1996 година, на секои четири години, освен во 2005 година, кога беа поместени поради новата територијална организација кога од тогашните 123 локални самоуправи во август 2004 година, бројот на општини се намали на 80 и Градот Скопје како посебна единица. Дел од општините останаа непроменети, а дел биле споени со поголеми општини.

Карактеристично за локалните избори е тоа што многу често биле предвесници на политичките промени, како во реалниот живот, така и во Парламентот.

1996 – први чекори на младата демократија

Првите локални избори во независна Македонија се одржале на 17 ноември 1996 година, во време кога државата чекореше по патеката на младата демократија. Во тој период, партиите градеа структури за долгорочно политичко влијание, а народот со надеж го следеше секој политички потег. Тие беа историски не само поради новиот изборен модел, туку и поради административната реорганизација на територијата на земјата. Се избираа градоначалници и советници во 123 општини во време на „раѓање“ на локалната самоуправа, кога општините добија вистински политички и економски субјективитет. Владата на тогашното ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери се бореа со постојаните барања за децентрализација, додека СДСМ доминираше во голем дел од урбаните средини.

На првите локални избори по независноста, доминираа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а „во игра“ беа и Социјалистичката партија, Демократската, како и албанската ПДП. СДСМ беше во владата и имаше предност во мнозинството општини, а ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција, но веќе градеа силна партиска мрежа. Овие избори беа прв чекор во градењето на локалната самоуправа и отворија пат за децентрализација.

2000 – будење на албанските партии

Со влегувањето во новиот милениум, Македонија сè уште се справуваше со последиците од економската нестабилност. Изборите во 2000 година беа прв тест за реформите во локалната администрација. На површина излегоа прашањата за етничка застапеност и регионален развој, а политичката сцена почна да се поларизира. Се продлабочуваше јазот меѓу урбаните и руралните општини, додека албанските партии имаа зголемен интерес за локална власт.

Според резултатите од овие избори, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоила 59 градоначалнички места, додека коалицијата на СДСМ освоила 33 од 123 општини. Коалицијата на албанските партии одвои 24 градоначалнички места.

2005 – први локални избори по Рамковниот договор

Во 2005 година се одржаа првите локални избори по Охридскиот рамковен договор, кој значително ја зголеми моќта на албанските партии, особено во Западна Македонија. Значајна промена за овие избори е и реорганизацијата на општините. Вкупно биле потврдени 379 кандидати за градоначалници и 445 листи за советници.

2009 – двојни избори и доминација на ВМРО-ДПМНЕ

Локалните избори во 2009 година се организираа во исто време со претседателските избори, а ВМРО-ДПМНЕ како главна политичка сила во тој период покажа стабилно мнозинство и доминација. Излезноста во првиот круг беше околу 57 отсто што беше солиден одзив. ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи, освојувајќи 55 општини, вклучително и главниот град, каде што Коце Трајановски стана градоначалник на Скопје. СДСМ, како најголема опозициска партија, доживеа тежок пораз, освојувајќи само седум општини. На албанската политичка сцена, ДУИ ја зацврсти својата позиција со победи во 15 општини, главно во западниот дел од државата, додека ДПА остана во сенка со значително послаби резултати.

2013 – притисоци и парламентарен бојкот

На изборите во 2013 година повторно доминираше ВМР0-ДПМНЕ, која со коалицијата „За подобра Македонија“ освои најмногу општини. Како втора партија по освоени општини беше ДУИ, која освои значителен број општини, главно во албанските региони. Според извештајот на странските набљудувачи, партизираното медиумско покривање на изборите и совпаѓањето на државните и партиските активности не им обезбедија на кандидатите еднакво поле за натпревар на изборите.

Овие избори беа поврзани со претходен бојкот на Собранието, како и со најава од СДСМ за бојкот на изборите, а тоа беше прекинато на 1 март со договор обезбеден со посредство на Европската унија, меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, т.н. Пржински договор.

2017 – тест за извршната власт

Во 2017 година беа првите локални избори по промената на власта, кога ВМРО‑ДПМНЕ ја изгуби централната власт и беше заменета од коалиција предводена од СДСМ, која доби историска поддршка на локално ниво и презеде голем број општини, вклучително и Град Скопје, каде што победи Петре Шилегов.

2021 – избори во пандемија

Во 2021-ва во Македонија се одржаа избори во услови на пандемија, со историски ниска излезност – 48,99 проценти во првиот круг. Данела Арсовска, независна кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, победи во Скопје, со што стана прва жена што ја презема оваа функција во главниот град. Резултатите од овие избори доведоа до политички промени и на национално ниво, поради резултатите на СДСМ, кои тогаш беа на власт. Тогашниот премиер Зоран Заев поднесе оставка по лошите резултати во голем број општини.

ВМРО-ДПМНЕ победи во 42 општини, СДСМ во 16, ДУИ во 11, Алијанса за Албанците и БЕСА обезбедија две градоначалнички места, а ДПА, ДОМ и ГРОМ по едно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот