Гужва,колона коли кај Дајмонд и Рамстор / Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

КЗК ги казни осигурителните компании со над 17 милиони денари за незаконското поскапување на полисите за автоодговорност

Станува збор за суми од 840 до 1.600 денари, кои дополнително ги издвоија околу 10.000 граѓани, до кога важеа за 15,4 отсто повисоките цени на осигурувањето на возилата, кои според КЗК десетте осигурителни компании картелски ги договориле

Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата донесе решение со кое утврди постоење на усогласено
однесување (картел) помеѓу десет осигурителни компании (ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ, ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ, АД МАКЕДОНИЈА СКОПЈЕ – ВИЕНА ИНШУРЕНС ГРУП, САВА ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ, ЕУРОЛИНК АД СКОПЈЕ, ГРАВЕ АД СКОПЈЕ, УНИКА АД СКОПЈЕ, АД ОСИГУРИТЕЛНА ПОЛИСА СКОПЈЕ,
ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ И КРОАЦИЈА ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ) на пазарот на осигурување од автомобилска одговорност (АО), кое секој сопственик на моторно возило задолжително мора да го плати при регистрирање на возилото.

-Во постапката беше утврдено дека осигурителните компании во периодот 1 март до 7 мај 2024 година, разменувале чувствителни информации, координирале активности и во исклучително краток рок донеле идентични или меѓусебно усогласени одлуки за зголемување на делот на премијата за вршење дејност – т.н. режиски додаток. Таквото однесување претставува ограничување на конкуренцијата „по своја цел“, односно најтешка форма на повреда согласно член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата. Размената на информации и паралелното донесување на ценовни одлуки ја заменува независната деловна политика со координирано колективно дејствување на пазарот, што е строго забрането. Врз основа на утврдените факти, Комисијата изрече прекршочни санкции – глоби во вкупен износ од 17.266.930 денари – детализираат од КЗК.

Како што пролетоска пишуваше „Слободен печат“, во јавноста се дигна голема бура за незаконското поскапување на полисите за автоодговорност, бидејќи стануваше збор за суми од 840 до 1.600 денари, кои дополнително ги издвоија околу 10.000 граѓани, до кога важеа за 15,4 отсто, повисоките цени на осигурувањето на возилата. Осигурителните компании тогаш рекоа дека процесот бил сложен, затоа што полисите ги продавале преку агенти, па затоа немале да им враќаат пари на граѓаните. Од Асоцијацијата за супервизија на осигурувањето, пресметаа дека во просек неделно се регистрираат околу 10 илјади автомобили, од што е лесно да се калкулира дека ист број граѓани ја преплатија полисата.

Супервизијата излезе со детална анализа: Со кое лице осигурителни компании што пливаат во добивки ги поскапеа полисите?

– Доколку граѓаните се оштетени од осигурителните компании за плаќање повисок износ за полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност во периодот од 25 април до 3 мај годинава, кога цените беа процентуално покачени, може да поднесат приговор на нашата платформа. Доколку сме побројни и нашите права ќе бидат подобро заштитени – се понудија од Организацијата на потрошувачите.

Организацијата на потрошувачи ќе поднесе тужби наместо граѓаните за полисите за автоодговорност

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот