Курти ги фаворизира Таравари и Касами за шеф на државата

Курти, Меџити, Таравари Фото: Меџити Фејсбук

Косовскиот премиер Албин Курти во Приштина им предложил на лидерите на поголемите албански партии во земјава (освен ДУИ) сите да излезат со заеднички кандидат за шеф на државата, односно Таравари и Касами да се договорат едниот да биде претседателски кандидат, а другиот носител на Шестата изборна единица.

Косовскиот премиер Албин Курти стана директен актер во кроењето на предизборната политичка сцена во Македонија, откако лидерите на албанските опозициски партии, но и претседателот на владејачката Алијанса за Албанците, зачестија со консултациите со косовските државници.
При последната посета на Приштина од страна на лидерите на опозицискиот Европски сојуз за промени (ЕСП) – Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши, заедно со лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, не беше остварена средба само со премиерот Курти, туку и со претседателот на косовското Собрание, Глаук Коњуфца, што е уште една потврда дека предизборните коалиции во Македонија ќе се кројат и во Косово.

Таравари во изјава за „Слободен печат“ ги демантира информациите дека на средбата со Курти веќе е договорено дека Алијанса на избори ќе оди со опозицискиот сојуз ЕСП.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети, пак, на телевизиски настап во Косово го прозва Курти да каже дали неговото „Самоопределување“ ќе учествува на изборите во Македонија.
По враќањето дома, откако средбата со Курти ја овековечија со фотографија, лидерите на ЕСП не одговараат дали и што договориле во Косово. Неофицијално, преку медиумите на албански јазик во земјава, албанската опозиција брифира дека коалицијата со Алијанса е завршена работа и дека во прашање се денови кога таа ќе биде официјализирана.

Арбен Таравари – претседател на алијанса на албанците / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Уште нема договор за заеднички настап

Лидерот на АА, Арбена Таравари, за „Слободен печат“ изјави:

– Немаме одлука за коалиција, затоа што не е поминато низ партиските тела. Тоа се само редовни состаноци што ги имам – ни изјави Таравари.

Потврда дека нема договор добивме и од Африм Гаши, претседателот на Алтернатива, албанската опозициска партија која е дел од ЕСП.

– Очекуваме деновиве Алијанса да реши како ќе одлучи во однос на изборите – ни рече Гаши.

Африм Гаши – претседател на Алтернатива / Фото: „Слободен печат“

Висок функционер од АА брифира дека Таравари заминал на средбата со Курти без косултации со претседателот на Централното собрание на АА, Зијадин Села. Ова, пак, само ја потврдува поделеноста во партијата за изборниот настап на Алијанса. Неофицијално, мнозинството е за тоа партијата самостојно да настапи на избори, а помал дел од членовите  преферираат да се коалицира со владејачката ДУИ, а друг дел е за коалиција со ЕСП.
Според најавите, деновиве се очекува средба на тесното партиско раководство, по што Централното собрание ќе треба да одлучи за изборниот настап на партијата.

Ахмети го повика Курти да каже дали „Самоопределување“ ќе учествува на изборите во Македонија

Висок функционер од АА за „Слободен печат“ брифира дека не само што средбата била на покана на Курти, туку и дека негов бил предлогот партиите на Албанците да излезат со заеднички кандидат за претседател на државата. Неофицијално, на маса биле ставени и конкретни предлози за кандидати за шеф на државата.
Курти предложил Таравари и Касами да се договорат едниот да биде претседателски кандидат, а другиот носител на Шестата изборна единица, но, според информациите со кои располагаме немало договор. Договор не бил постигнат ниту за вториот предлог на косовскиот премиер – за заедничка листа на партиите на Албанците на парламентарните избори.

Лидерот на ДУИ, Ахмети, пак, во гостување на косовската телевизија „РТК“ ја коментираше средбата на Курти со лидерите на опозициските албански партии од Македонија. Тој го повика Курти отворено да каже дали неговата партија „Самоопределување“ ќе учествува на изборите во Македонија.

Али Ахмети Фото: Принтскрин

– Нема ништо лошо во запознавањето, но она што го кажа Меџити не се совпаѓа со изјавата на Курти што ја даде во Скопје, во која рече дека Движењето „Самоопределување“ не учествува на овие избори. Ако има стратегија да се камуфлираат работите, не е добро. Да ги кажеме работите отворено, ништо не нè спречува – рече Ахмети.

Ахмети смета дека вклучувањето на „Самоопределување“ во изборите во Македонија нема да влијае на изборните резултати, бидејќи „албанскиот електорат е веќе дефиниран“.

– Во моментов, ако се повикуваме на студии и анализи, ДУИ е победник на овие избори уште пред да се одржат, а тоа го знаат и македонските и албанските политички партии, но и македонската и албанската опозиција. Никогаш не сум бил разочаран од предвидувањата и студиите на експертите и вистинската експертиза, но времето ќе го докаже тоа – вели Ахмети.

Лидерот на ДУИ тврди дека не е во непријателство со ниту една политичка партија, ниту во Косово, ниту во Албанија, ниту во Македонија, но смета оти на Албанците во Македонија не им требаат многу партии.

Претседателот на опозициското Демократско движење, Изет Меџити, пред средбата со Курти изјави дека со Таравари имаат интензивни средби, додека со косовскиот премиер ќе разговараат за соработка.

– Настана дилема. Де јуре „Самоопределување“ нема да учествува, бидејќи не е регистрирана во РСМ, меѓутоа, де факто е на заедничките листи…. Очигледно е дека албанските субјекти, Демократско движење, Движењето „Беса“, Алтернатива, „Самоопределување“ ќе имаат заеднички листи. Имаме интензивни средби и со Таравари – рече Меџити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот