Куманово конечно ќе добие мамограф, најави Тренчевска
Министерката за труд и социјална политика и претседателка на Форумот на жени на СДСМ, Јованка Тренчевска, која денеска присуствуваше во Куманово на трка посветена на Месецот за борбата против ракот на дојката, најави дека до крајот на годината кумановската болница ќе добие мамограф.
Препорачано
На новинарско прашање дали како Форум на жени на СДСМ и како централна власт ќе извршат притисок Општата болница во Куманово побрзо да го добие апаратот неопходен за рано откривање на ракот на дојката, бидејќи во Куманово веќе пет години нема мамограф во јавните здравствени установи, министeрката одговори дека веќе е потпишан договор за набавка на апаратите.
„Секако. Апаратурата во Здравствените домови и болниците е непходна за да имаме рано откривање на ракот на дојката. Преку проект на Светска банка во кое е вклучено Министерството за труд и социјална политика, главен носител е Министерство за здравство, веќе склучивме договори со меѓународни фирми за набавка на мамографи и на друга апаратура коишто одат за неколку болници во државата. Значи да не биде сѐ сконцентрирано во Скопје и во клиниките, туку да добијат и болниците во останатите општини. Верувам дека до крајот на годината мамографите и останати апарати ќе бидат ставени во функција во општите болници, вклучително и Куманово, изјави министерката Тренчевска, според „Куманово њуз“.


