Кумановец е осомничен дека ја урнал куќата на народниот херој Киро Нацев Фетак — инспекторка наводно му прогледала низ прсти
Кумановски инвеститор е осомничен дека ја урнал куќата на народниот херој Киро Нацев — Фетак , заштитена како културно наследство, на која била поставена неговата спомен-плоча, а градежна инспекторка е осомничена дека несовесно постапила при носење решение врз основа на нецелосно и неточно утврдена фактичка состојба.
Препорачано
„СВР Куманово поднесе кривична пријава против Ф.Ф.(52) и Л.Т.(52), двајцата од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела ‘оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство и природни реткости’, ‘бесправно градење’, ‘узурпација на недвижности’ и ‘несовесно работење во службата’. Првопријавениот, во 2023 година, срушил и уништил куќа- заштитен објект на културно наследство, на кој била поставена спомен плоча на народниот херој Киро Нацев Фетак, кој објект, согласно член 20 од Законот за меморијални споменици и спомен обележја е заведен во регистер на спомен обележја како заштитен објект на културно наследство и е заведен во програма за одбележување на значајни настани и личности со спомен обележја во општина Куманово“, соопшти полицијата.
На таа локација, се додава во соопштението, првопријавениот, во својство на инвеститор на градба извршил градежни работи и изградил градба од втора категорија, без претходно одобрение за градење издадено од Сектор за урбанизам при општина Куманово, со што постапил спротивно на член 59 од Закон за градење, а објектот го изградил на земјиште сопственост на државата.
„Додека пак, второпријавената како овластен градежен инспектор несовесно постапила во вршењето на своите должности и овластувања на начин што донела решение врз основа на нецелосна и неточно утврдена фактичка состојба, а која била должна да ја утврди согласно член 9 од Закон за инспекциски надзор во врска со член 2 а од Закон за градење,“ велат од полицијата.
ФОТО | Некој ја „стопил“ бистата на Вера Јоциќ – случајот пријавен во полиција


