Културно-туристичката манифестација „Зборот на Конески, гајдата на Пеце“ се одржа во Небрегово
Културниот и едукативен центар „Небрегово“ ја прошири својата културна и едукативна мисија со нова културно-туристичка манифестација, која ги поврзува зборот на книжевниот великан Блаже Конески и вонвременскиот звук на гајдата на Пеце Атанасовски.
На културно-туристичкиот настан „Зборот на Конески, гајдата на Пеце“, што се одржа на 7 септември годинава во спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово, присуствуваа членови на УО на КЕЦ „Небрегово“, членови на УО на Фестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, претставници од Општина Долнени, претставници од Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје, членови на КУД „Мирче Ацев“ од Прилеп и други гости, почитувачи на ликот и на делото на Блаже Конески и на Пеце Атанасовски.
Во врска со оваа манифестација што треба да стане традиционална, секретарот на КЕЦ „Небрегово“ Атанас Конески нагласи дека во нашиот културен код се врежани зборот, песната, музиката и орото што го претставуваат богатството на духовната култура на нашиот народ, со што се зачувува, негува и пренесува македонското културно наследство.
На оваа манифестација, во согласност со потпишаната Декларација беше прочитана победничката песна од Марија Симоноска посветена на Конески и настапи соло гајдаџијата од ФНИП од Долнени Стојанче Давиткоски.
Претставничката од НУ Завод и музеј Прилеп Лилјана Неделкоска предложи и се прифати да се дополни Декларацијата со нова точка „Вело тура за култура“, при што клубот на велосипедисти од Прилеп ќе тргнуваат од пред спомениците на Конески и Пеце во Прилеп на 7 септември, ќе ја посетат спомен-куќата на Пеце Атанасовски во Долнени и ќе пристигнат во спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово на централната културно-туристичка манифестација.
Претставничката од Општина Долнени Ајша Муаремоска предложи и се прифати уште едно дополнување на Декларацијата. Оваа манифестација да биде централен настан во Општина Долнени што ќе се одржува на 7 септември и на кој ќе се одржува Отворен час за ликот и делото на Блаже Конески. Потоа пред домот на Блаже Конески во Небрегово беше изведен сплет ора од подмладокот на КУД „Мирче Ацев“ од Прилеп.
На присутните им беше подарен приврзок за клучеви со ликот и куќата на Конески, а на претставникот од Универзитетот за туризам и менаџмент Љупчо Миленковски му беше подарена плакета со песната „Зборот“ од Конески.
По завршувањето на културно-туристичката манифестација, гостите го посетија и го разгледаа Музејот за тутун во Прилеп, единствен од ваков вид на Балканот, од што беа воодушевени.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 247, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.09.2024)