Културната соработка беше во фокусот на средбата на министрите Зоран Љутков и Никола Селаковиќ во Крушево
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков на 28 јануари во Крушево оствари средба со својот српски колега, Никола Селаковиќ. На средбата биле потенцирани одличните односи меѓу двете држави, со акцент на пријателството, традицијата и континуираната културна соработка.
Препорачано
Двајцата министри потпишаа и нова „Програма за соработка во културата 2026–2030“, која беше посочена како рамка за понатамошно продлабочување на културните врски меѓу двете земји.
Во фокусот на разговорите беше улогата и успешното работење на македонскиот културен центар во Белград, каде во пресрет на одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете држави, оваа година, е најавена реализација на повеќе културни проекти, меѓу кои „Форум за културна дипломатија“, изложби и музичка програма инспирирана од народната традиција.
На средбата беше разгледана и континуираната поддршка на македонската заедница во Србија и српската заедница во Македонија, како и заедничките активности во рамки на Форумот на словенските култури, со проектот „100 словенски романи“ и музејската работилница, која е планирана да се одржи во септември 2026 година во Охрид.
Министрите Љутков и Селаковиќ престојот во Крушево го искористија и за посета на повеќе културно-историски знаменитости во градот, известија од Министерството за култура и туризам.


