„Култура Бета“ ја промовираше стихозбирката „На Балкан, сам“ од Мартин Џорлев
Промоцијата на првата стихозбирка со наслов „На Балкан, сам“ на Мартин Џорлев, во која се собрани текстовите од истоимениот албум на „Животни“, се одржа на 28 март во новата „Буква“.
Препорачано
Стихозбирката е објавена во едицијата „Поезија Минус“ на „Култура Бета“. Промоцијата се одвиваше низ разговор помеѓу авторот Мартин Џорлев и уредникот Андреј Медиќ Лазаревски.
– Песните осмислено зборуваат, пеат за младешкиот идентитет, бивањето млад човек во оваa доба, во овој регион, во овие земји. Лирскиот субјект на моменти е носталгичен, на моменти е тажен, почесто е оптимистичен и радосен и често се навраќа кон минатото кое секогаш е во некаква паралела со неизвесната иднина. Тој во неколку наврати реферира и на наследството на колективноста што е вкоренета во екс-ЈУ земјите, а којашто денес, во нашата генерација, е донесена на ниво на решение за проблемите што постојат меѓу нас. Таа колективност е лајтмотив на албумот, а се потврдува токму со стиховите „Ние сме млади / засекогаш млади“ (…)
„На Балкан, сам“ е редок и универзален албум. Тој е интимно и лирско себеанализирање, но и генерациско рефлектирање на многу аспекти. Тој е целосно локално посветен, а истовремено и глобално освестен. „На Балкан, сам“ е и осаменички и колективен повик, тој е и смирување и бунтување. Сето ова важи и за книгава оти „На Балкан, сам“ е ем албум ем книга – истакнува Андреј Медиќ Лазаревски.

Уредници на книгата се Андреј Медиќ Лазаревски и Марија Велинова, дизајнот и техничкото уредување се на Јованчо Димоски, фотографиите во книгата се на Теодор Тасевски, а лектурата е на Љупка Евроска. Објавувањето на книгата е помогнато од Александар Сандревски – Марсо и „АШ“.
Мартин Џорлев (2001, Скопје) е музичар, поет, композитор, продуцент и организатор на музички настани. Тој е основач на групите „Луфтанза“, „Стој, после!“, „(точка) ком“, „О, убавче“ и „Животни“. Воедно е еден од основачите на колективот „Гола Планина“ и издавачката куќа „Мртов коњ“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 327, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.4.2026)


