Култниот „Андалузиски пес“ на Буњуел го отвора 4. издание на Фестивалот на нем и класичен филм во Кинотеката
Филмот „Андалузиски пес“ во режија на Луис Буњуел, едно од највлијателните дела во историјата на кинематографијата на 10 септември, во 20 часот, ќе го отвори четвртото издание на Фестивалот на нем и класичен филм во Кинотека на Македонија.
Проекцијата на филмот има музичка придружба во изведба на пијанистот Милош Станојевиќ, еминентен српски пијанист и добитник на повеќе награди на државни натпревари во Србија.
– Една од најиконичните сцени во историјата на киното – кога млад човек сече око со брич, паралелно со слика на облак што „сече“ Месечина, со која почнува филмот, е пример за иновативност и креативност, бидејќи „Андалузиски пес“ не е само филм, туку искуство кое продолжува да инспирира и кое и денес останува актуелно и провокативно.
„Андалузиски пес“ нема традиционална приказна или логична последователност. Наместо тоа, тој се состои од низи на асоцијативни слики кои ги преиспитуваат границите на реалноста и сонот. Сцените се поврзани преку нелинеарни премини, со промени во временските и просторните рамки кои се чинат како неосетливи, што дополнително го зголемува чувството на дезориентација.
Буњуел и Дали со филмот истражуваат теми како сексуалноста, потсвеста и репресијата, користејќи ја визуелната уметност како средство за изразување на длабоко вкоренетите човечки стравови и желби. Исто така, филмот е исполнет со симболи кои се провокативни и често интерпретирани на различни начини – истакнуваат од Кинотеката.
Провокација, креативност и иновативност не им недостига ниту на останатите автори чии дела од француската, германската, литванската и шпанската кинематографија ќе може да се проследат на фестивалот до 16 септември.
Реализацијата на Фестивалот на нем и класичен филм е поддржана од Амбасадата на Шпанија во Македонија, од Српскиот културен центар во Скопје – „Спона“, Гете-институт Скопје, „Фаме’с Институт“.