Куклата Барби како терапија за пациентите со Алцхајмерова болест! Психолог објаснува како помага во лекувањето на деменција
Установата за медицинска нега „Сан Рафаеле“ во Лече, Италија, во која се сместени пациенти кои боледуваат од Алцхајмерова болест, почна во рамки на терапијата, да им дава на своите пациенти кукли Барби, со цел да се подобрат когнитивните процеси и визуелниот и физичкиот контакт кај пациентите.
Препорачано
– Терапијата со кукли е дел од таканаречените нефармаколошки интервенции кои се користат во лекувањето на деменција. Тие можат да го подобрат визуелниот и телесниот контакт, контролата, а преку дијалог со куклата Барби може да се стимулираат когнитивните процеси и меморијата, да се олесни дијалогот, релацискиот капацитет, да се подобрат опуштањето и емоционалните процеси, да се намалат нарушувања во однесувањето и спиењето, раздразливоста и чувствата на депресија – рекла психологот Марија Џовано Пекуто, а пренесува агенцијата Анса.
Пациентите на почетокот биле неповерливи кон куклите, но набрзо почнале да се однесуваат кон куклите како никогаш да не престанале да си играат со нив, па почнале да разговараат со нив, да им ги менуваат фризурите и облеката и слично, наведуваат од установата Сан Рафаеле.
– Реакцијата беше изненадувачка. Пациентите со Алцхајмерова болест можеа да изберат кукла со која ќе си играат, а играњето со куклата Барби не е исто како играњето со други кукли – рекла негувателката од Сан Рафаеле, Ирена Патруно.


