Кренар Лога во фотелјата на Тупанчески, Фадил Цана на местото на Сали?

Кренар Лога и Фадил Цана, кандидати за нови министри од Алијанса за Албанците

Според информации на „Слободен печат“, генералниот секретар на АА Кренар Лога ќе биде предлогот за министер за правда на местото на актуелниот Никола Тупанчевски, а лекарите Фадил Цана и Беким Татеши се во игра за министер за здравство на местото на Беким Сали од Алтернатива. За ресорот екологија, кој треба да го отстапи ДУИ, Алијанса допрва ќе предложи свој кадар.

Додека Алијанса за Албанците в петок ќе го формира телото за преговори и чека конкретна понуда од премиерот Димитар Ковачевски за влез во Владата, неофицијално, според извори од партијата, веќе се дефинирани не само ресорите со кои АА ќе стане дел од власта, туку и идните министри.

Според информации на „Слободен печат“, генералниот секретар на АА Кренар Лога ќе биде предлогот за министер за правда на местот на актуелниот Никола Тупанчески, а лекарите Фадил Цана и Беким Татеши се во игра за министер за здравство на местото на Беким Сали од Алтернатива. За ресорот екологија, кој треба да го отстапи ДУИ, Алијанса допрва ќе предложи свој кадар.

Останува отворено прашањето како ќе одигра Алтернатива ако остане на ставот дека не отстапува ресор, односно дали ќе остане на „Илинденска“, бидејќи СДСМ останува на позицијата дека трите владини партнери треба да отстапат министерство за Алијанса да стане дел од Владата.

Од Алијанса велат дека откако в петок Централното претседателство ќе го формира телото за преговори, очекуваат и официјална понуда од Ковачевски за влез во Владата. Од партијата сметаат дека позитивен сигнал е лидерската средба на Ковачевски со помалите коалициски партнери, бидејќи ниту една од партиите не се противи на проширување на владиното мнозинство. Конечната одлука дали Алијанса ќе се придружи на владиното мнозинство се очекува идната недела да помине на партиски „референдум“. Од партијата велат дека двете одлуки се на маса – или ќе станат дел од власта или ќе останат опозиција.

Премиерот Ковачевски негира дека има несогласувања со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, околу влегувањето на Алијанса во Владата.

– Нема недоразбирања. Политичка коалиција што дели исти вредности не функционира на база на убедувања, туку на база на вредности и на програма. Јас имам редовни состаноци со сите коалициски партнери. Имав со парламентарните партии, а во наредните неколку дена ќе се сретнам и со вонпарламентарните партии што се дел од нашата коалиција, на кои разговараме за плановите во 2023 година, како и за принципите за придружување на нови партнери во Владата. Ако на основа на тие принципи и вредности има партии коишто сакаат да се придружат на оваа европска коалиција, тогаш и другите лидери на партии кажаа дека вратите се отворени. Меѓутоа, не се работи за никакви убедувања и активности – вели Ковачевски.

Тој не одговори дали Владата ќе има 80 пратеници за измени на Уставот, гаранција кој за влез во Владата ја бара лидерот на Алијанса, Арбен Таравари. Ковачевски рече дека сите пратеници треба да го поддржат вметнувањето на Бугарите во Уставот, а уставните измени се процес што трае.

Министерот за здравство Сали, пак, смета дека политичка одлука е дали тој ќе го отстапи ресорот за Алијанса да стане дел од власта.

– Министерството не е мое, сигурно ќе го наследи некој по мене. Тоа се политички одлуки, сѐ уште нема конкретни разговори, нема преговори. Сето ова е во делот на шпекулации што се повторуваат од септември наваму. Веќе петти месец се соочувам со прашањето дали ќе го отстапам Министерството. Не е мое. Јас сум го наследил од некој министер, сигурно ќе го наследи некој по мене. Важно е, кој и да е на оваа позиција, да биде максимално посветен на функционирање на системот – рече Сали.

Позицијата на Алтернатива е дека ДУИ и СДСМ треба да отстапат ресори за Алијанса да стане дел од власта, бидејќи партијата на Ахмети нема контрола врз пратениците поради недоразбирањата со „огнените“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот