„Креативно студио“ со Катерина Петрушевска: Плетењето е техника која се учи со многу љубов и внимание

Катерина Петрушевска и нејзините изработки / Фото: Приватна архива

Плетењето е активност која асоцира на дом и топлина, на создавање парче уметност за себе и најблиските. Барем така функционирале нашите мајки и баби во минатото, кои своето слободно време го минувале плетејќи облека за најсаканите.

Иако денес доминира машинското плетење, Катерина Петрушевска од Скопје е една од оние млади и креативни жени, кои својата креативност ја искажуваат преку рачното плетење. Покрај нејзината примарна професија, Катерина со еднаква љубов му се посветува и на ова хоби.

Моментално, таа и нејзиниот сопруг очекуваат принова во семејството, па овој убав период од нејзиниот живот Катерина го поминува со создавање уникатни рачни изработки – од женски чанти до велигденски кошнички кои имаат декоративна функција во домот.

Катерина, кога се роди Вашата љубов кон плетењето?

– Љубовта кон плетењето се роди уште кога бев многу мала. Секогаш се плеткав околу мајка ми и баба ми кога тие ќе плетеа нешто, од нив секако и го научив ова, но со многу љубов и внимание, поинаку не се совладува ниту една техника.

Што е тоа што Ве инспирираше да почнете да правите рачни изработки со оваа техника и за други?

– Всушност, јас во овој период се најдов во една неочекувана ситуација. Со многу радост и љубов, со мојот сопруг и синчето ја очекуваме приновата, односно новиот член во нашето семејство, но овој пат морав бременоста да ја поминам во мирување. Сето тоа на почетокот и не го прифатив така лесно, едноставно не можев да поднесам дека морам да мирувам, нема одење на работа и други секојдневни обврски, па така „жалејќи се“ наидов на некои страници на интернет со плетени чанти. Секако, сестра ми беше првиот клиент, таа отиде по набавка за сѐ што е потребно за изработка на една чанта и ја направив првата изработка. Но, бидејќи сестра ми е фризерка која има свој салон, ја испромовира чантата на нејзините клиентки, и така почнаа да се нижат изработките, една по една. Потоа ги направив страниците на Фејсбук и Инстаграм, каде што луѓето се запознаваат со новите производи.

Раскажете ни нешто повеќе за самата изработка. Кои материјали ги користите при плетењето и колку време Ви е потребно да изработите еден производ?

– Во моментов изработката ја правам со памучен и со трикотажен материјал, но наскоро ќе имаме изработка на чанти и со макраме конец, по изработката, односно откако ќе се сплете чантата, тука се и додатоците за дополнително разубавување на производот, односно тока за закопчување, ланчиња, украси и слично. Времето на изработката зависи и од моделот на чантата, некои полесни модели може да бидат комплетно готови и за еден ден, односно за едно работно време, а за некои ми е потребно и два дена до завршувањето. Сѐ зависи и од барањата на клиентите.

Дали имате некоја изработка која Ви е особено драга?

– Не би сакала да звучам класично, но секоја изработка ми е драга и секоја ми е посебна на свој начин. Секој производ го правам со многу труд, љубов и внимание, и за секој поединечно едвај го чекам крајот за да го видам резултатот.

Бројни научни истражувања покажаа дека плетењето е одлична активност за подобро ментално здравје. Со други зборови, плетењето е еднакво на среќа. Како оваа активност влијае врз вашето расположение?

– Јас сум вистински пример дека ова е вистина. Како што кажав и претходно, сегашнава ситуација не ја прифатив многу лесно, имав денови кога едноставно и сама себе не можев да се препознаам во однесувањето, сѐ додека не реков: „Јас морам да бидам силна и да бидам старата јас“. Со плетењето се вратив во нормала, се опуштив и препуштив на среќата која ни ја носи животот и секојдневието.

Вашиот талент го преточивте и во уште една убава креација, токму за претстојните велигденски празници. Вие изработувате и велигденски кошнички. Кажете ни како дојдовте до оваа идеја?

– Во принцип нашите празници секогаш ме инспирираат на различен начин и духовно ме исполнува исчекувањето на истите. Уште кога почнаа велигденските пости, ми дојде идеја дека може да се направи нешто интересно и несекојдневно, но не бев сигурна што може да биде тоа. Неколку денови размислував, разгледував, барав, цртав на лист хартија и пребројував како да го изведам ликот на зајачињата на корпите, и така еден ден пробав и премногу ми се допадна како излезе на крај, финалниот резултат. Всушност, кога нешто ќе почнеш да работиш и пцелосно се посветуваш на истото, идеите сами надоаѓаат во глава.

Дали имате некој совет до останатите млади креативци кои сакаат да творат, меѓутоа, немаат храброст да ги споделат своите изработки со поголема публика?

– Мојот совет е секогаш да веруваат во своите способности, во својот талент и да си ја вреднуваат својата работа, не треба да се срамат или плашат да ја искажат својата можност и креативноста во себе. И јас најпрво си мислев дека никого нема да го интересира тоа што јас умеам да го пренесам, да го изработам и да го претставам пред потенцијалните клиенти, но сега уживам кога луѓето се задоволни и кога ќе ја пофалат мојата изработка, баш ми се исполнува срцето. Рачната изработка никогаш не губи вредност. Има луѓе кои уживаат во оригиналноста и уникатноста, кои имаат свој посебен стил и кои секогаш го вреднуваат трудот и рачната изработка. Затоа, никој нека не се плаши да го изнесе од себе својот талент на кој било начин. Едноставно секој со својата среќа.

По повод Велигденските празници, Катерина ќе им подари две нејзини изработки на двајца читатели на „Слободен печат“.

Доколку ви се допадна нејзината приказна и сакате да го разубавите домот со нејзините кошнички, пријавете се на „email“ адресата [email protected], со назнака „За подарок“, каде ќе ни ги испратите Вашите лични податоци – име, презиме, телефонски број и адреса на живеење.

Со среќа!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот