Злоупотреба на платежни картички во Стопанска банка: Ниту купиле ниту платиле, а им биле повлечени по 20 евра од сметка

Фото: МИА

Посочените трансакции се појавени само кај изолиран број картички, при што Банката веднаш реагираше, велат од Стопанска банка.

Вознемирени граѓани преку социјалните медиуми велат дека од нивната трансакциска сметка на Стопанска банка им биле одземани по 20 долари и тоа од страна на компанија од која ниту нешто купиле ниту, пак, некогаш нешто плаќале. Од Стопанска банка за „Слободен печат“ потврдија дека имало вакви случаи, но велат дека станува збор за изолирани појави и дека клиентите ќе бидат обесштетени.

– Посочените трансакции се појавени само кај изолиран број картички при што банката веднаш реагираше. За почеток, конкретниот трговец е блокиран за да се спречат идни вакви трансакции, по што банката пристапи кон детална проверка на случајот. На клиентите веднаш им се бесплатно реиздадени картичките (со нови броеви на картичка), а покрај тоа, Банката дополнително презеде активности – првично да не стигне задолжување на сметката од странство (преку системите на Виза/Мастеркард) а доколку задолжувањето стигне, клиентите ќе бидат обесштетени во најкус можен рок со поврат на средствата со датум на валута – велат од Стопанска банка.

Оттаму објаснуваат дека ова е глобален проблем, а нашиот пазар, за жал, не е имун.

– Креативноста на криминалците не може секогаш да се предвиди, но може да се превенира со редовно мониторирање, воведување дополнителни контролни механизми и секако обука на корисниците на картички. Токму поради тоа, банката постојано апелира до клиентите преку социјалните мрежи и на својата веб-страница да бидат внимателни при внесот на податоците од картичките на интернет, а особено во случаи на непознати продажни места и нереални продажни понуди за добивање вредни подароци (на пример, добитник сте на можност да купите ајфон за 1 евро) – велат од Стопанска банка.

Сите картички издадени од Стопанска банка имаат „3D Secure“ заштита, која им овозможува на клиентите при користење на картичката кај e-трговија, трговци кои исто така го имаат „3D Secure“ стандардот (задолжителен во Европа), да можат да ја потврдат секоја интернет трансакција преку внес на ОТП-лозинка добиена на СМС-порака на имејл.

– Во исто време, преку нашата м-банкинг мобилна апликација, клиентите имаат можност самостојно да постават лимит за одредени типови трансакции за секоја поединечна картичка (е-трговија, трговија и подигање на готовина од АТМ во земјава и странство), како и да блокираат и да деблокираат платежни картички во секое време. Дополнително, банката за секоја трансакција авторизирана во странство или по одредени критериуми што ја препознава како ризична, доставува информација до клиентот преку СМС-порака. На овој начин клиентот доколку воочи дека не е направена со негово знаење, веднаш да се јави во Контакт центарот да ја блокира картичката или преку мобилната апликација тоа да го направи самиот. Банката за своите клиенти нуди посебна интернет-картичка, со која клиентот може да управува со средствата што ги депонира наменети за конкретно пазарење – објаснија од Банката.

Како што веќе пишуваше „Слободен печат“, лани со платежни картички се регистрирани вкупно 173 кривични дела, изјавија од МВР. Од нив, 138 се „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“, а регистрирани се и 35 дела „изработка и употреба на лажна платежна картичка“.

Од Народната банка објаснија и што се прави во случај на измама на трансакциска сметка.

– Граѓаните во случај на измами поврзани со платежните сметки, треба веднаш да реагираат до деловната банка, со цел да се блокира соодветниот банкарски производ – најчесто платежната картичка поврзана со настаната измама. Откако ќе се пријави случајот до деловната банка, следува процес на оспорување на трансакциите. Така, на пример, Виза и Мастер имаат постојна процедура за оспорување трансакции преку официјалната платформа. Самата постапка за оспорување на трансакциите може да трае и до 90 дена. По завршување на постапката, клиентот соодветно се информира за статусот на рекламацијата од страна на деловната банка – велат од  Народната банка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот