Ковид состојбата во Германија сè полоша, голем тест за новата влада

Германскиот Уставен суд оцени дека антиковид мерките, меѓу кои полициски час, затворање училишта и забраната за контакти, биле во согласност со законот, што отвора можност Владата да воведе нови заклучувања/ Фото EPA-EFE/FOCKE STRANGMANN

За прв пат по почетокот на пандемија на коронавирусот, стапката на инциденца на седум дена се искачи на над 200. Бранот на нови инфекции поттикна повици за заострување на ограничувањата и продолжување на бесплатното тестирање за ковид, пишува ДВ.

Според најновите податоци на Институтот за заразни болести Роберт Кох (РКИ),  денеска Германија забележа рекордна стапка на инциденца во седум дена од над 200. Стапката, која го изразува бројот на нови инфекции со ковид на 100.000 луѓе во текот на изминатата недела, сега е највисока од почетокот на пандемијата на коронавирусот.

Претходната рекордна стапка од 197,6 беше поставена на 22-ри декември 2020-та година, во време кога вакцините не беа достапни.

Каква е моменталната состојба?

Бројот на новозаразени во Германија се искачи на над 15.500 во последните 24 часа, според германските здравствени власти, со што стапката на инциденца во понеделникот достигна 201,1. И покрај широката достапност на вакцини, бројот на заразени расте низ целата земја. Во неделата стапката беше 191,5, додека пред една недела беше 154,8, јави ДВ.

Најпогодени региони се источните држави Саксонија, Тирингија и Баварија.

Кристијан Карагијанидис, официјален претставник на Германското интердисциплинарно здружение за интензивна нега ДИВИ, предупреди дека бројот на заболени од ковид на интензивна нега може да се удвои.

„Со инциденца од 300, можеме да очекуваме околу 4.500 пациенти со ковид низ земјава, со големи регионални варијации“ рече тој.

Каков ефект имаат вакцинациите?

Во споредба со претходниот врв на инфекции, вакцините против ковид сега се достапни низ цела Германија. Околу 67 отсто од населението – скоро 56 милиони луѓе – се целосно вакцинирани, но стапката варира од регион до регион.

Саксонија, најтешко погодена од сегашниот бран, има стапка на вакцинација од само 57,1 отсто, додека во најнаселената Северна Рајна-Вестфалија над 70 отсто се целосно вакцинирани.

Сепак, вакцините ги ублажија ефектите од зголемувањето на бројот на заболени. Бројот на лица хоспитализирани со инфекција беше помалку од четири на 100.000 луѓе во изминатите седум дена. За време на претходниот врв во декември 2020 година, тој беше над 15.

Зошто наставниците се загрижени?

Германското здружение на наставници е особено загрижено поради зголемувањето на бројот на случаи во училиштата, наведува ДВ.

„Има застрашувачки стапки на зарази кај децата и младите. Голема е опасноста да ја изгубиме контролата над пандемијата во училиштата“ изјави претседателот на здружението Ханс Петер Мајдингер.

Тој повика на повторно воведување на обврската за носење маски за учениците, а наставниците да се тестираат секој ден доколку бројот на заразени е многу голем.

Подемот на заразените во Саксонија ги принудува властите да го воведат правилото „2G“ во многу области од јавниот живот. Ова ограничување значи дека само оние кои се вакцинирани и опоравени од ковид можат да влезат во затворени простории.

Во јужната држава Баварија, во неделата стапија на сила построги ограничувања. Само вакцинирани, оздравени или негативно тестирани граѓани можат да одат во кафулиња или настани во затворени простории.

Што сака да направи владата?

Трите партии кои работат на новата коалициска влада – централно-левичарската Социјалдемократска партија (СПД), Зелените и неолибералните Слободни демократи (ФДП) веќе планираат да го рестартираат бесплатното тестирање.

„Укинувањето на бесплатните тестови беше грешка“ изјави лидерот на ФДП во парламентот, Марко Бушман.

Политичарите се надеваа дека плаќањето за тестовите ќе поттикне повеќе Германци да се вакцинираат, но бројот на вакцинирани не е значително зголемен оттогаш. Предложената коалициска влада, која се уште е во преговори, го разгледува и барањето сите работници и посетители на старечки домови да се тестираат секојдневно, иако се вакцинирани.