Ковачевски – Трудо: Одличната соработка на двете држави во НАТО, Северна Македонија може секогаш да смета на Канада

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска оствари телефонски разговор со премиерот на Канада, Џастин Трудо. На разговорот присуствуваше и министерката за одбрана, Славјанка Петровска.

Премиерот Ковачевски нагласи дека долгорочен интерес на Северна Македонија е севкупно развивање на односите и соработката со Канада, која од самите почетоци на нашата независност манифестира активна поддршка на реформските, европското и евро-атлантското интегрирање на земјата. Од двете страни беше нагласена важноста од продолжување на започнатиот процес на интегрирање на Северна Македонија во ЕУ, кој нуди сигурен, предвидлив и безбеден пат за нејзиниот просперитет и напредок како дел од европското семејство на народи.

Канадскиот премиер Трудо изрази задоволство од одличната соработка на двете држави во НАТО, посебно од учеството на македонски војници во борбената група за зајакнато истурено присуство во Латвија, која е под канадска команда. Притоа, Трудо истакна дека оваа група овозможува значајна соработка меѓу сојузниците од различни земји во зајакнување на трансатлантската одбрана и безбедност, а македонските војници, како дел од истата, се високопочитувани од страна на канадските колеги.

„Нашата соработка е силна во НАТО, во ЕУ и во Украина, и знам дека народот на Сереверна Македонија разбира дека иднината на земјата е светла како дел од напредните европски демократии“, истакна премиерот Трудо, нагласувајќи дека „Северна Македонија може секогаш да смета на Канада“.

Премиерот Ковачевски се осврна и на важноста на македонската заедница во Канада и нејзиниот значаен придонес во канадското општество.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот