Ковачевски: Сетот од 26 мерки за учениците, пензионерите, компаниите тежи 662 милиони евра

Димитар Ковачевски/Фото: МИА

Мерките ќе почнат да важат од 1 декември, а некои мерки во зависност од исплатата ќе почнат од јануари. Со мерките се опфаќаат 120 илјади млади лица, над 74 илјади социјално ранливи категории граѓани, повеќе од 187 илјади пензионери, 40 илјади земјоделци, 540 илјади корисници на апликацијата „Мој ДДВ“, 600 илјади домаќинства, како и повеќе од 70 илјади компании

Деветтиот пакет антикризни мерки содржи 26 ставки и ќе тежи 662 милиони евра, соопшти Димитар Ковачевски. Мерките ќе почнат да важат од 1 декември, а некои мерки во зависност од исплатата ќе почнат од јануари. Со мерките се опфаќаат 120 илјади млади лица, над 74 илјади социјално ранливи категории граѓани, повеќе од 187 илјади пензионери, 40 илјади земјоделци, 540 илјади корисници на апликацијата „МојДДВ“, 600 илјади домаќинства, како и повеќе од 70 илјади компании.

– Сè што беше побарано од Владата го исполнивме, а ќе следува и редовното зголемување на пензиите во март и септември догодина, така што мислам дека се движиме во правилна насока – порача Ковачевски.

Од него и информацијата дека сите средства за да им се помогне на најранливите категории граѓани се предвидени во предлог Буџетот за 2024 година. Така, од овој пакет, основците од семејства со примања под 50.000 денари, ќе добиваат по 1.200 денари месечно следните шест месеци, а за средношколците се обезбедени по 1.800 денари во истиот период. Во следните седум месеци,15 илјади студенти што студираат надвор од местото на живеење, ќе добијат ваучер за превоз во вредност од 600 до 1.200 денари месечно. Вкупно се опфатени 105.000 ученици, а за оваа мерка се обезбедени 14,3 милиони евра. Во наредните пет месеци, по 2.000 денари месечно ќе добијат корисниците на надоместок заради попреченост, самохрани родители и родители на деца со попреченост до 26 години.

„Се грижиме за најранливите категории и никој нема да биде изоставен, така пензионерите чиишто пензии се до 14.000 денари, во наредните пет месеци ќе добиваат по 3.000 денари. По 2.000 денари ќе биде помошта за пензионерите што имаат примања од 14.000 до 16.000 денари, додека за пензионерите со примања од 16 до 19.000 денари, помошта ќе изнесува по 1.500 денари месечно- вели Ковачевски.

Министерот за финансии Фатмир Бесими соопшти дека сите мерки биле дизајнирани во директна консултација со стопанските комори.
Премиерот Ковачевски соопшти и дека е предвидена авансна исплата на субвенциите за 40.000 земјоделци, лозари, овоштари и сточари и за таа цел се наменети 8,1 милиони евра. За енергетската сиромаштија за над 5.000 семејства ќе се дадат 1 милион евра, а ќе има и субвенции за струја и тоа до 90 отсто за 611.000 семејства и за 68.000 мали претпријатие и за тоа се издвоени 35 милиони евра.

– Остануваат субвенциите и за парното греење, за што се предвидени 7,4 милиони евра – соопшти Ковачевски.

Според премиерот, пакетот е одлично дизајниран, но Владата ќе биде внимателна и секогаш ќе биде тука да им помогне на граѓаните доколку има некакви ценовни шокови.

– Немавме ниту еден ден рестрикции на струјата или на парното, иако тоа не беше наша обврска. Граѓаните имаат кому да се потпрат во 2024 година, а ќе имаат и кому да се потпрат и во наредните четири години. Не би рекол дека мерките истекуваат пред, а некои и по изборите. Мерките се правени за граѓаните, а не за изборите. Економските политики што ги водиме се за граѓаните – порача Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот